Размисли, што очекуваш денес дека ќе се случи? Добро или лошо?
Што очекуваш денес од луѓето кои планираш да ги сретнеш? Добра соработка и комуникација или истоштување?
Што очекуваш денес од себе си?
Што очекуваш од твојот партнер? Да биде верен и љубезен или да те разочара, изнервира и изневери?
Што очекуваш од твоите родители? Да се здрави и весели, да ти бидат поддршка или очекуваш да те критикуваат штом им се јавиш на телефон?
Што очекуваш од твоите деца? Да бидат весели и одговорни, или очекуваш дека ќе седат пред телевизор, ќе ја растурат куќата, ќе треба да одиш по нив и на крај ти да им ја завршиш домашната задача за на училиште?
Очекувањето е променливо, некогаш очекуваш убави нешта, друг пат негативни нешта и сето тоа е во зависност од она коешто ти го имаш како верување.
Кога имаш погрешно или ограничувачко верување тогаш ќе имаш негативно очекување. А штом родителот има таков став кон своето дете, тогаш што прави? Најчесто контролира. Стануваш родител – контролор кога не сакаш да бидеш во беспомошна ситуација и мислиш дека ако навреме превземеш мерки на контрола, ќе бидеш поштеден од личен или семеен неуспех. Затоа свесно или несвесно ги форсираш децата, одиш по нив, проверуваш дали ги завршиле домашните задачи. Но во суштина ти проверуваш дали децата се во улогата која ти им ја неметнуваш за совршени деца кои ќе бидат твојата гордост пред народот и опкружувањето. Чии норми задоволуваш? На учителките, на општеството, на народот? Нели е најважна среќата и здравјето на децата или пак ти се поважни нивните дипломи, успеси од натпревари, супер успеси од странскиот јазик, спортот, свирење пијано. И што од тоа? Дали можеби од децата очекуваш да го повторат твојот успех, да го надминат твојот успех или она што ти не си го постигнал, сега тие да го исполнат за да ти се смири совеста и да имаш сатисфакција за успех?
Каков ќе биде исходот од тоа твое очекување? Можеби ќе произлезе успех, можеби ќе предизвика револт и бунтовништво кај децата, но најважното прашање е дали тие деца се среќни и здрави. Сѐ е попусто ако се беспрекорно работи, но немаат радост и не се здрави. Тогаш ништо нема смисла. Затоа пред да имаш било какво очекување кое треба твоите деца да го исполнат, очекувај пред се, тие да бидат радосни и здрави, а ти да бидеш факторот кој тоа им го овозможува, без да ги уценуваш и без да ги контролираш.
Со контролирачки верувања, се создаваат погрешни очекувања и контролирачки однесувања.
Извадок од книгата „Верувања преку визуелизација”, од М-р Константин Кајшаров

