Зак Вилијамс (Zachary Stephen Williams) е американски христијански рок-пејач и текстописец чија животна приказна претставува сведоштво за пад, борба, промена и повторно пронаоѓање на верата во Исус Христос. Неговиот живот некогаш бил исполнет со музика, забави, алкохол и дрога, но и со длабока внатрешна празнина. Денес тој отворено зборува за своето минато и за моментот кога сфатил дека не може сам да го промени својот живот.
Верата во Бога не му била непозната на Зак. Тој израснал во христијанско семејство, каде што уште од детството бил запознаен со Бог и со христијанските вредности. Но, како што растел, почнал да се оддалечува од она на кое бил воспитуван. Во младоста почнал да консумира дрога и алкохол, а неговиот живот постепено се претворил во нешто сосема различно од она што неговото семејство го посакувало за него. Дури го напуштил и средното училиште, убеден дека можеби тоа е крајот на неговите можности.
Сепак, добил стипендија за факултет. Таму повторно открил нешто што длабоко го привлекувало – музиката. Неговата голема љубов била гитарата, а со текот на времето музиката станала центар на неговиот живот. Зак започнал да свири и пее, а со текот на времето го формирал јужњачкиот рок-бенд Zach Williams & The Reformation. Бендот настапувал во клубови и барови низ Соединетите Американски Држави. Но, зад сцената и музиката се развивал животен стил кој постепено го оддалечувал од семејството и од Бога.


Тој подоцна раскажува дека во тие години не размислувал многу за иднината. Живеел за моментот. Кога имало забава, тој сакал да биде меѓу најгласните и најзабележaните. Самиот сонувал за големи нешта. Како млад сакал да игра кошарка и сонувал за NBA и факултетската кошарка. Но, животот тргнал во друга насока. Наместо спортска кариера, музиката станала неговиот пат. А со неа дошле и избори кои подоцна ќе имаат сериозни последици.
По одреден период, Зак се оженил, но неговиот животен стил продолжил. Ситуацијата станала толку сериозна што неговата сопруга му поставила јасна граница: – „Ако не можеш да направиш некои промени заради своето семејство, не можеме повеќе да останеме со тебе.“ Овие зборови биле еден од моментите кои го натерале сериозно да размислува за својот живот.“
Зак знаел за Исус. Знаел дека Бог постои. Одел и во црква. Но, знаењето за Бог не било исто што и целосно предавање на животот на Бог. Во него постоеле прашања. Се прашувал дали Бог навистина може да му прости за сè што направил. Тогаш упатил едноставна, но искрена молитва: – „Господе, ако си вистински и Тој што велиш дека Си, докажи ми. И ако ми докажеш, ќе се тргнам од сето ова што се случува во мојот живот.“
Еден од најзначајните моменти во неговото сведоштво се случил додека бил на европска турнеја. Турнејата траела околу две недели. Еден ден, додека патувал со автобус, гледајќи низ прозорецот, на радиото ја слушнал песната „Redeemed“ од Big Daddy Weave. Во тој момент започнал да гледа поинаку на својот однос со Бог. Како дете, во својата претстава за Бога, тој го замислувал Бог како некој кој седи на престолот со скрстени раце и ги гледа неговите грешки. Но, постепено сфатил дека Бог не го гледа само преку неговите грешки. Тоа било момент кога почнал да разбира дека неговата вредност не е одредена од неговото минато. Зак подоцна ја поврзувал оваа песна и ова искуство со моментот кога почнал да сфаќа дека може да биде „откупен“ и покрај сè што направил. Во текот на турнејата, Зак ѝ се јавил на својата сопруга. Тој ѝ рекол: – „Нема да веруваш во ова, ама ставам крај.“ Со тоа, според неговото сведоштво, решил да стави крај на стариот начин на живот.


По враќањето од турнејата, на 10 јуни 2012 година, Зак целосно му го предал својот живот на Господ Исус Христос. Наместо повторно да се врати на стариот начин на живот, решил прво да се посвети на својот однос со Бог и со своето семејство. Се приклучил во црква, а околу една година подоцна станал водач на групата за славење.
Зак подоцна го опишал својот момент на предавање на Бога како нешто едноставно и искрено: – „Не сакам повеќе да бидам тоа што сум. Немав ништо посебно да донесам. Не бев свечено облечен. Само се сеќавам дека тоа беше искрен повик за помош.“
Неговата молитва не била барање Бог само да му ја подобри кариерата, напротив: -„Боже, не можам сам да го направам ова. Ми здодеа да бидам тоа што сум. Ако има нешто во мене што можеш да го употребиш, употреби ме.“ Тој дури бил подготвен да се откаже од музиката ако тоа било потребно: – „Ако повеќе не свирам музика, во ред е. Ако пак свирам, прекрасно е. Но, јас сакам да бидам добар сопруг и добар татко. Сакам да Те запознаам.“ По своето предавање на Христос, Зак направил нешто што можеби многумина не би го очекувале. Ја оставил музиката настрана. Шест месеци не се фокусирал на кариерата, настапите или успехот. Наместо тоа, се посветил на односот со Бог и со своето семејство.„Пред да почнам повторно со музиката, почнав да работам на мојот однос со Бог и со моето семејство“, раскажува тој.
Во тој период, наместо да се обидува самиот да ја контролира својата иднина, решил да чека и да гледа што Бог има подготвено за него.
По шест месеци, музиката повторно станала дел од неговиот живот. Но, овојпат имала поинаква цел. Зак почнал да добива можности за кои претходно сонувал, а потоа се отвориле врати за нешта кои, како што самиот вели, никогаш не можел ни да ги замисли. Од човек кој настапувал во клубови и барови, неговата музика почнала да добива сосема поинаква порака. Неговите песни денес се познати по теми како верата, откупувањето, Божјата благодат, борбата со минатото и новиот живот во Христос.
Една од главните пораки што Зак ја споделува преку своето сведоштво е дека човекот не мора прво да стане совршен за да дојде кај Бог. Тој смета дека треба да дојдеме кај Господ онакви какви што сме, а потоа Бог да започне да нè менува. Ова е особено важно за луѓето кои мислат дека се премногу далеку од Бога поради своето минато.


Според неговото сведоштво, токму тука се наоѓа суштината на Евангелието – човекот не се спасува затоа што успеал самиот да се поправи, туку затоа што Христос дошол да го спаси човекот. Зак исто така нагласува дека предавањето на животот на Христос не значи дека човекот станува совршен и дека сите проблеми исчезнуваат преку ноќ.
Целото свое животно сведоштво го преточил и во книгата „Rescue Story“ – „Приказна за спасението“, преку која ја споделува својата приказна за минатото, падот, семејството, верата и новиот живот. Неговата порака денес е едноставна:- „Не чекај да станеш совршен за да дојдеш кај Бог. Дојди кај Него таков каков што си – и дозволи Му Тој да го промени твојот живот.“
„Содржината е базирана на јавно достапни онлајн информации, со авторска обработка и интерпретација.“
Андреј Ристовски

