Секој обид со телесни напори и сопствени добри дела да се постигне праведност пред Бога, е примена на религиозен систем од закони и правила кој води во легализам. Ова значи дека, ако луѓето не ги почитуваат основните 10 заповеди тогаш се воведуваат уште 20 заповеди. Но создавањето на закони и правила не ги прави луѓето праведни. Јудеизмот денес има 613 заповеди. Колку и да ги има тие заповеди, тоа не значи дека можат да се исполнуваат за да се биде совршен и праведен.
Кога Христијанин кој знае дека спасението е преку Христос, наместо да живее ослободен од религиозни закони, ритуали, обреди и традиции, тој се посветува кон правилата и законите, тогаш тој се потпира на самиот себе и тоа го прави да биде егоцентричен, горделив и телесен, но така паѓа под проклетство. Затоа многу христијани се под проклетство, бидејќи не се потпираат на Христос и тоа што Христос го овозможи со своето жртвување на крстот.
КРСТОТ е местото на Божјо снабдување за верниците и по ниту една друга основа (заради донации, постење, монашки живот, посветеност и пожртвуваност во Црквата) неможе да се прими нешто од Бога, освен преку крстот. Значи ти неможеш да примиш нешто од Бога по основа на тоа дека си добар, дека си имал роднина кој е свештено лице, ниту заради тоа што служиш во Црква или постиш или многу се жртвуваш во службата. По ниту еден основ не можеш да добиеш нешто од Бог, освен преку крстот. Крстот е местото на снабдување од Божја страна за секоја твоја потреба бидејќи тоа е местото на размената – каде Бог Го жртвува Својот Единороден Син за да бидат искупени сите луѓе кои ќе поверуваат во Него и ја примат оваа жртва. Преку жртвата на Христос, Бог ги обезбедил сите потребности за секое човечко создание.
Извор: Победувај со Емануел, од Константин Кајшаров

