Духовна аптека

Од стагнација кон победа преку вера во Бога

Да живееш во комфортот на стагнацијата предизвикана од невработеност, развод, тага, загуба, болест, разочарување, прељуба, анксиозност и депресија, тоа е како да пливаш во плитки води, во бара. Тоа е како орелот кој си мисли дека е кокошка и не си ги осознава своите потенцијали. Тоа е слично како папагалот кој се убедува себе си дека прекрасно е да се живее во кафез бидејќи е златен. Сето тоа води во застој и регрес.
До кога ќе стагнираш?
Зарем мислиш дека ќе ги надминеш ситуациите кои те потиснуваат со тоа што ќе хибернираш?
Зарем ќе се исцелиш ако згаснуваш?
Зарем ќе доживееш успех ако се самосожалуваш и ништо не превземаш?
Зарем ќе се чувствуваш задоволно ако наместо ти да одиш и да си купиш леб, везден чекаш некој друг да ти го донесе?

Немој да зависиш од туѓата помош, одобрување и сакање, зависи од Бог!
Замисли колку би се радувале непријателите и оние кои те повредиле ако те нема. Зарем би ги задоволил нив наместо Бог Кој сака да живееш, да пробиваш и да победуваш?

Не случајно го читаш ова, бидејќи време е за пробив!

Можеби Бог сака да ти овозможи пробив низ одредени области од животот и да искусиш победа над проблемите кои долго те измачуваат, но време е ти навистина сам да го посакаш пробивот, успехот, развојот.
Рамнодушноста и недостигот на иницијатива се одлика на летаргичното однесување кај одредена личност која подолго време живее поразено, во страв и неуверено. Ако сакаш да пробиеш во животот, потребно е само да ги пуштиш од себе старите концепции на размислувања и верувања кои те ограничуваа. Ова значи дека треба, начинот на кој досега се доживуваше себе си и светот, да го оттргнеш од себе, да завршиш со својот начин, со својата филозофија на живеење и да отпочнеш со нешто ново кое ти носи прогрес и пробив.

Зарем би можел да го земеш подарокот кој некој ти го подарува, доколку рацете ти држат чинија и штипка за месо кое го печеш на скара? Така многу луѓе, сакаат да примат подарок од Бог како исцелување, подарок успех, подарок брак, деца, работа, но сепак не го земаат подарокот бидејќи рацете им се презафатени носејќи нешто старо, нешто кое е обврска, нешто кое ги чека да го завршат и несвесни го оставаат Божјиот подарок да стои во Божјите раце предолго, а Бог да стои надвор од нивното срце и да чека да биде поканет внатре во нив за да им го предаде подарокот.

Значи, за да примиш исцелување кое е подарок од Бога, потребно е да ги ослободиш своите раце од старите верувања за болеста, стравот, песимизмот односно да ги оттргнеш од себе сите концепции и идеи кои те доведоа до дисхармонија.

За да дозволиш да се случи успех треба да ги напуштиш концепциите за неуспех, песимизмот и сомнежите. За да дозволиш нови предизвици и можности да се појават во твојот живот, затвори ги старите врати од каде што влегуваа “глувци и други штетници” кои што ти ја крадеа визијата и сликата за просперитет. За да го фатиш гулабот на гранката, прво пушти го врапчето што го држиш во раката.

За да доживееш пробив во животот пред сѐ, потребно е ти да земеш решение кое некогаш значи да пливаш во подлабоки води или да пливаш наспроти течението на водата. Тоа не значи дека треба да дејствуваш со многу труд за да заработиш благослов и да искусиш прогрес, туку само да се довериш на Бога и да зачекориш по патека која не ти е позната, а на која Тој те повикува да се движиш. Потребно е да отстапиш од познатото и со вера во Бога да зачекориш напред газејќи по непозната патека. Овој подвиг можеш да го направиш само кога имаш конструктивно верување кое произлегува од Божјото срце и се заснова на Божјата волја за тебе, а тоа беше Неговата одлука да Го даде Својот Син за тебе, за да може Тој да биде со тебе и да те охрабрува да чекориш во нови области и ситуации, кои Тој веќе ги освоил за тебе.

Врз основа на правилното верување дека Бог е со тебе, ти можеш да избереш до кој степен ќе допуштиш да се протегне Божјата рака во твојот живот. Пробив се случува во секоја област од животот кога твојата желба и напор ја предаваш во Божји раце и Му дозволуваш на Бог да води знаејќи дека Тој е секогаш со тебе – Емануел, и дека Тој никогаш нема да те напушти.

Извадок од прирачникот „Победувај со Емануел“, од М-р Константин Кајшаров

Можеби ќе ви се допадне

Духовна аптека

Биди сонце што не згаснува

  • 24.02.2026
Денот е посветол кога не ги паметиш лошите мигови и си простил на туѓата неспособност да те љубат и прифатат.
Духовна аптека

Без љубов животот нема смисла 

  • 24.02.2026
Како што поминуваат годините, деновите гледаме дека љубовта меѓу луѓето оладува и затоа многумина се разболуваат. Човек без љубов е