Духовна аптека

Бог зборува и ја открива вистината на оние што Го бараат

Скоро во сите концепти на духовност и духовен развој се зборува за морал, чистота, духовни вредности и се поттикнува на љубов, посветеност, пожртвуваност. Но не е доволна само идејата и философијата за да го направи човекот духовно битие, бидејќи тоа не го разрешува гревот, совеста која пече, болката која измачува во физичкото тело.

Во минатото пробав, се трудев и мислев дека ме водеше љубовта, но не станав духовен, бев грешен и дополнително оптеретен. Вложив многу години и инвестирав многу, но пресушив и не доживеав трансцедентална свест, само идеја во умот која беше апстрактна, различна од реалноста и непрактична. Во духовноста има многу идеи, концепции и философии, но практикувањето на истите најчесто поробува и не овозможува слобода или спасение.

Мојот нов живот започна кога доживеав Богојавление и тогаш осознав дека секое добро, морал, чистота, вредности, љубов, посветеност, пожртвуваност и слобода се во Исус Христос. Тој е врата кон животот, Тој Сам е Животот, Тој е Вистината и Светлината. Некои тврдат дека Го познаваат и Го виделе, но ако човек навистина Го сретнал и Го запознал Бог, тогаш осознава дека животот со Него е апликативна духовност, односно реалноста се живее со применливи принципи на љубов, добрина и богоцентричност. Оној кој верува во Него доживува преобразба на умот, целосно новораѓање и спасение.

Исус не е идеја ниту философија, ниту приказна за некаков аватар од космосот кој се просветлил во Индија и се реинкарнирал во разни историски личности како индиски, кинески или египетски учители. Исус Христос е Божјиот Син Кој ја исполни Волјата на Отецот и дејствуваше со силата на Светиот Дух. Тој дојде на земјата роден од девица која зачна од Светиот Дух, безгрешно живееше меѓу луѓето како Учител, Пророк, Исцелител, Спасител, Врховен свештеник и ја манифестираше Божјата Љубов кон луѓето. Таа љубов Тој ја докажа жртвувајќи се за сето човештво, земајќи ја казната за сите грешници, умирајќи на крстот, после кое беше погребан и на третиот ден воскресна. Секој човек може да Го запознае Живиот Бог преку Светото Писмо и да Го слушне Неговиот глас.

Бог зборува на сите луѓе преку Неговиот Свет Дух Кој им зборува преку совеста или на Негов уникатен начин. Во некои земји каде е забрането Светото Писмо или не стапнале христијани кои евангелизираат, некои луѓе добиле откровение од Бог преку сон или визија, други доживеале чуда и на крај осознаваат дека Исус Христос Кој е Божјиот Син е Господ и Спасител. Светиот Дух ги привлекува луѓето кон Христос. Во други општества и заедници многу често Светиот Дух употребува новородени христијани да ја споделат Радосната вест со неспасените за тие да се спасат и да бидат посинети. Некои, не случајно доаѓаат во допир со Светото Писмо бидејќи Бог најгласно зборува преку тоа Писмо.

Кога луѓето веќе ќе осознаат за љубовта Божја и Го примат Исус за свој Господ и Спасител, имаат директна врска со Бога како деца со својот Родител. Различно е кога некој ти зборува преку телефон и кога со некого зборуваш лице во лице и искусуваш многу подлабоко споделување. Една од најголемите привилегии на еден човек кој е спасен преку Милоста Божја штом поверува во Исус Христос и Го примил за свој Господ и Спасител, е тоа да Го слуша Божјиот глас, односно, да биде целосно во присуството на Бога. Без праведноста на Христос не може да се влезе во Божјото присуство и не може да се види Лицето на Бога. Исус дојде да го помири човештвото со Бога и да ни овозможи и ние да бидеме лице во лице во заедништво со Бога.

Како Божји деца ние сме повикани да имаме блискост со Бог и да Го слушаме Неговиот глас. Не можеш да слушнеш некој што е мртов да ти зборува, па затоа во други духовни правци не можат да го слушнат нивниот бог да им зборува, зашто нивните богови се мртви. Но, бидејќи Исус воскресна ѝ е жив, Тој зборува и секој што Му се обратил можел да Го види, слушне или сретне.

Извадок од прирачникот „Молитвена терапија“, од М-р Константин Кајшаров

Можеби ќе ви се допадне

Духовна аптека

Биди сонце што не згаснува

  • 24.02.2026
Денот е посветол кога не ги паметиш лошите мигови и си простил на туѓата неспособност да те љубат и прифатат.
Духовна аптека

Без љубов животот нема смисла 

  • 24.02.2026
Како што поминуваат годините, деновите гледаме дека љубовта меѓу луѓето оладува и затоа многумина се разболуваат. Човек без љубов е