Духовна аптека

Прекрасни Божји ветувања на кои треба да се потпреме кога чувствуваме страв

Секој од нас во одреден момент од животот почувствувал страв. Во раната возраст тоа може да било страв да не падне и да се повреди, страв да не остане сам на некое место, потоа страв дека другарчињата во школо ќе му се смеат за нешто итн. Понатаму во животот можеби некој искусил страв дека нема да се омажи/ожени, страв дека ќе биде отпуштен од работното место и дека нема да има доволно финансии или страв од болести, чуми и епидемии.

Во психологијата стравот се дефинира како основна емоционална реакција на реална или перципирана опасност, закана или можност за негативен исход и истиот може да го подготви организмот да се заштити, да ја избегне опасноста или да се соочи со неа. Притоа, важно е да се напомене дека психологијата прави разлика меѓу страв, анксиозност и фобија. Стравот се јавува кога има непосредна закана, при што телото реагира  со забрзано срцебиење, напнатост, потење, зголемена будност и силен поттик да се избегне опасноста. Анксиозноста од друга страна е повеќе поврзана со очекување на можна опасност, дури и кога опасноста не е присутна во моментот, додека фобијата е интензивен и несразмерен страв од специфичен објект или ситуација, кој доведува до значително избегнување или вознемиреност (може да биде: страв од пајаци, страв од летање итн.).

Генерално, во психологијата постојат повеќе категории на страв:

  • Страв од физичка опасност (повреда, болест, смрт..);
  • Социјален страв (одбивање, осуда, срам..);
  • Страв од загуба (губење партнер, работа, финансиска сигурност..);
  • Страв од неизвесност („не знам што ќе се случи“);
  • Страв од неуспех („ќе згрешам“/„ќе потфрлам“);
  • Егзистенцијален страв (страв од смрт, бесмисленост, губење контрола..);
  • Научен/условен страв (страв поврзан со претходно негативно искуство).

Иако стравот е појава со која секој се соочил на еден или друг начин, Бог во Светото Писмо не повикува да не се плашиме, туку да Му веруваме. Според Библијата, стравот е непријател на верата и Божјата совршена љубов го изгонува стравот. Ова значи дека дури и надворешните околности да ни го зголемуваат стравот, ние сме повикани да останеме со верата дека Исус Христос е со нас, дека Тој ќе ни помогне да го надминеме тоа со кое што се соочуваме, дека нема да не остави, дека Тој ќе биде наш штит, дека Тој веќе извојува победа над секоја ситуација и дека ни го дава Неговиот мир. Така, без оглед на тоа дали постои реална опасност или стравот е предизивикан од очекување на идна опасност, без оглед дали ситуацијата е мала или голема, колку повеќе нашата вера расте, толку полесно ќе сме во позиција да не живееме и да не донесуваме одлуки во животот водени од стравот.

Ова во пракса значи дека доколку веруваме дека Господ ќе не избави од дадена неповолна ситуација, колку повеќе навистина го веруваме тоа, толку повеќе стравот во нас ќе се намалува, додека истовремено чувството на мир и сигурност ќе се зголемува. Затоа, кога ќе почувствувате страв, земете ја Библијата и побарајте ги Божјите зборови на утеха, на победа и охрабрување. Задлабочете се над нив, размислувајте за нив, доживејте ги во вашето срце. Нека тие станат ваша реалност, ваша вистина и вашето срце за брзо ќе биде исполнето со мир и увереност дека Бог е со вас. Еве дел од тие зборови:

„Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; не се вознемирувај, зашто Јас сум Бог твој; Јас ќе те закрепам и ќе ти помогнам, ќе те поддржам со десницата на Мојата правда.” – Исаија 41:10

„Еве, ова ти заповедам Јас: биди цврст и храбар, не плаши се и не се ужасувај; зашто Господ, твојот Бог, е заедно со тебе, каде и да одиш.” – Исус Навин 1:9

 „И не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат;“ – Матеј 10:28

„Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството.“ – Лука 12:32

„Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои.“ – Јован 14:27

„Сите ваши загрижености префрлете ги врз Него, зашто тој се грижи за вас“ – 1 Петар 5:7

„Кога би тргнал и по долината на смртната сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене;“ – Псалми 23:4

Во Светото Писмо – Библијата постојат навистина многу места каде што Бог директно ни се обраќа и не повикува да не се плашиме. Притоа многу често стиховите кои не повикуваат да не се плашиме ја наведуваат и причината поради која не треба да имаме страв – не затоа што не постои опасност, туку затоа што Бог е со нас, затоа што Тој не заштитува, затоа што Тој ни го дава Неговиот мир, Тој се грижи за нас..

Исто така треба да знаеме дека стравот не доаѓа од Бог и интензитетот на страв се намалува кога во нас расте увереноста дека нашата сигурност во секоја ситуација зависи од Бог.

„Зошто Бог не ни даде дух на страв, туку дух на сила, љубов и себевладеење.“ – 2 Тимотеј 1:7

„Во љубовта страв нема, туку  совршената љубов го изгонува стравот, бидејќи стравот подразбира казна. Кој се плаши, не е совршен во љубовта.“ – 1 Јован 4:18

Откако навистина ќе ги доживееме за наша вистина Божјите зборови, може да кажеме кратка молитва упатена кон нашиот Господ Исус Христос, искрено и од срце, градејќи ја нашата релација со Бог. Исто така, добро е да ги изговориме гласно Божјите ветувања. Доколку не сме сигурни како да го направиме тоа, еве еден пример од Прирачникот за бестрашност и безгрижност – Живеј го животот од пастор Константин Кајшаров:



„Во името на Господ Исус Христос
објавувам дека Бог не ми даде дух на страв,
туку дух на сила, љубов и себевладеење,
јас сум исцелен преку раните Исусови,
Бог ми е заштита и спасение, моја тврдина,
Бог ми е силна карпа и мое прибежиште .“

Доколку некој се соочува со стравови, анксиозност, грижи, трауми, Прирачникот за бестрашност и безгрижност – Живеј го животот од пастор Константин Кајшаров, ги сублимира клучните насоки од Божјото Слово за победа над стравот. Овој Прирачник е мала книга која објаснува стручни психолошки термини, но истовремено е базирана на христијански принципи од Светото Писмо. Истиот содржи практични укази за тоа што треба да направи човек и како да постапи во момент на слабост, но и дава насока кон духовен развој и поттик за подобрување на квалитетот на живеење.

Ултимативно, да запомнеме дека со што и да се соочуваме во овој свет Христос ја победи смртта, го победи светот и не треба да се плашиме зошто во Него имаме победа над се! Дел од Христовите зборови, кои Тој ги изговори кон Неговите ученици – апостолите на последната вечера, пред да биде предаден, се директен повик кон учениците да не се плашат:

„Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте.“ – Јован 14:1

„Ова ви го реков за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот.“ (Јован 16:33)

Подготвил: Кристина Димитриевска

Можеби ќе ви се допадне

Духовна аптека

Биди сонце што не згаснува

  • 24.02.2026
Денот е посветол кога не ги паметиш лошите мигови и си простил на туѓата неспособност да те љубат и прифатат.
Духовна аптека

Без љубов животот нема смисла 

  • 24.02.2026
Како што поминуваат годините, деновите гледаме дека љубовта меѓу луѓето оладува и затоа многумина се разболуваат. Човек без љубов е