Духовна аптека

Дали христијаните треба да изгледаат модерно?

Прашањето за изгледот, облеката и следењето на трендовите често отвара дебати во христијанските кругови. Денес светот наметнува разни модни трендови, кои многумина ги следат, со цел да покажат колку вредат и да се вклопат во друштвата, во кои сакаат да бидат ценети и прифатени. Од една страна, тоа е наметнат притисок на менување на гардеробата и поседување скапи парчиња во ормарите. Од друга страна пак, постои и традиционалното сфаќање дека верникот треба да биде максимално скромен и незабележлив за очите на другите. Каде лежи рамнотежата помеѓу овие две крајности? Дали навистина треба да го избегнуваме модерното и дали убавиот изглед е во спротивност со духовниот живот?

За да се најде вистинскиот одговор, најпрво мора да се тргне една честа заблуда: христијанството никогаш не било религија на униформи, ниту пак проповеда запоставување на телото. Бог со многу љубов го создал човекот со чувство за убавина, хармонија и креативност. Облеката не е само парче ткаенина за покривање на телото. Таа е дел од нас, но и начин на комуникација со оние околу нас. Никаде во Светото Писмо не пишува дека уредниот изглед е грев сам по себе.

Напротив, да изгледаш уредно, пристојно и со вкус е чин на почит кон себеси, но и кон луѓето со кои го поминуваш денот. Христијаните не се повикани да негуваат запуштен изглед за да докажат колку се духовни и понизни. Суштината на ова прашање лежи во намерата на срцето. Проблемот на модерната модна индустрија не е во убавите креации, туку во филозофијата што таа ја промовира: суета, гордост, робување на етикети и вреднување на човекот исклучиво според неговиот изглед и статус. Кога облеката престанува да биде израз на нашиот личен вкус и станува статус на моќ, алатка за да се предизвика внимание кај другите, тогаш не е во согласност со христијанските принципи и отстапува од умереноста и достоинственото однесување.

Апостол Петар го дава можеби најтоплиот совет на оваа тема. Тој во Светото Писмо за жените вели дека убавината не треба да биде само надворешна, во дотерување на косата, во накитот и скапите облеки туку внатрешна, која се манифестира со кроток и тивок дух, со нераспадлив накит и со сето она, кое е скапоцено пред Бог. Овие зборови не нè учат да ја мразиме надворешноста, туку само ја потенцираат вистинската хиерархија на вредностите. Она што го носиме однадвор треба да биде во соврешен баланс со она што го носиме внатре. Човек кој има внатрешен мир и кој својата вредност не ја мери преку очите на светот, туку единствен критериум Му е Господ Исус Христос и Неговото Слово, нема потреба да се истакнува со непристојна или вулгарна облека за да ја покрие сопствената несигурност. Стилот на христијаните е тивок, природно зрачи со пристојност и достоинство.

Облеката е чиста, уредна и модерна, избрана со вкус, прилагодена на приликата. На пример, при присуство во Црква, каде се проповеда и се слави Господ Исус Христос, изборот на облека е свечен, како израз на почит и благодарност кон Бога. Во текот на работниот ден, на работното место, облеката е деловна, за време на прошетка секојдневна и опуштена. Но во сите ситуации надворешната убавина не е замена за внатрешната, духовна убавина. Секој модерен христијанин ја има целата слобода на светот убаво да се облекува и да изгледа современо. Меѓутоа, таа слобода доаѓа со една одговорност – да не станеме робови на материјализмот.

Разликата помеѓу христијанинот кој следи мода и модерниот свет е во тоа што за верникот надворешниот изглед е резултат на духовното кое го носи во себе, на радоста во срцето, која во Христос е полна и постојана, а не идол на кој му принесува жртви преку огромни долгови, несигурност и постојано незадоволство од сопственото тело.

Христијаните можат и треба да изгледаат модерно, уредно и привлечно во духот на времето во кое живеат. Впрочем тие се амбасадори Христови и Негова рефлексија на земјава. Најдобрата „мода“ на еден верник е неговата автентичност. Кога облеката е усогласена со чистината во срцето и кога очите искрено светат со радост, тогаш целиот изглед добива една поинаква, безвременска убавина. Убавина која никогаш, ама баш никогаш, не излегува од мода.

Маја Јовевска

Можеби ќе ви се допадне

Духовна аптека

Биди сонце што не згаснува

  • 24.02.2026
Денот е посветол кога не ги паметиш лошите мигови и си простил на туѓата неспособност да те љубат и прифатат.
Духовна аптека

Без љубов животот нема смисла 

  • 24.02.2026
Како што поминуваат годините, деновите гледаме дека љубовта меѓу луѓето оладува и затоа многумина се разболуваат. Човек без љубов е