Токму тогаш, во оние тивки мигови од ноќта, кога светот конечно стивнува и кога исчезнуваат сите дневни обврски, многумина чувствуваат чудна, невидлива празнина во градите. Тоа е еден постојан копнеж да се бара нешто повеќе од животот. А самото време во кое живееме не убедува дека таа празнина се пополнува со работи што можат да се купат, или допрат. Трката е да се има понов телефон, подобра кариера, поголема куќа, верувајќи дека тоа е чекорот до вистинската среќа. Кога човек го постигнува тоа за кое сонувал, сфаќа дека срцето останува гладно, како и претходно. Но заблуда е дека станува збор за материјален глад. Нашето срце е едноставно создадено за вечност и затоа сè што е минливо не може да го нахрани.
И покрај тоа што светот не учи дека вредиме онолку, колку што поседуваме, вистината е сосема поинаква. Материјалните нешта имаат рок на траење. Тие можат да понудат привремен комфор, но ниту една полна сметка во банка не може да го купи мирот во душата, ниту да даде утеха, кога срцето тагува. Кога се гради идентитетот врз земните нешта, се станува заробеник на сопствениот страв тие да не се изгубат. Грижите се намножуваат со размислувањето како да се сочува имотот и да се избегне бедата. Па така срцето полека стврднува и се оддалечува од вистинскиот Извор, Кој е Исус Христос. А само преку Него разбираме дека нашата зависност не е од парите, туку од Божјата љубов и милост, кои се излеваат како благослов, кога човек се препушта целосно во надежта кон Бога.
Бог е Творец на сè и во Негова власт се и духовното и материјалното. Божја волја за секого е да живее изобилно благословен живот преку Исус. Тој сите ги повикува за да ги пресретне, прегрне и прибере во Својата љубов, но затоа треба во целост и со сигурност да Му се верува и да не постои друг авторитет, освен Божјиот.
Парите не смеат да господарат со човекот, туку да му служат и никако не треба да се фактор за подобра иднина и среќа. Срцето е полно кога Господ Исус Христос пребива во него и кога е благодарно и за најмалите нешта. И само тогаш, во тивките мигови од ноќта се чувствува мир, кој светот и земното богатство не можат да го дадат.
Некои се прашуваат: „Што можам да земам од овој свет?“, но вистинското прашање за кое вреди да се размисли е: „Што можам да дадам?“
Да се дава, значи да се нема очекување дека тоа ќе биде вратено, туку едноставно да се дава од љубов, а кога тоа се прави кон другите, како за себе си, значи дека тоа е вистински, од срце и тогаш Господ изобилно благословува. Човек е ослободен кога не размислува на материјалното. Вистинската радост и слобода немаат вредност, која може да се купи со пари, надежта во распадливото разочарува, трката кон материјалното поробува.

Во Светото Писмо е пишано: „Благословен да биде човек, кој се надева на Господа и кому Господ му е надеж. Сличен е на дрво засадено покрај вода што ги пушта корењата кон потокот: не треба да се плаши од ништо кога ќе дојде жегата, на него зеленилото останува секогаш. Во сушна година не се грижи, не престанува да донесува плод.“ – Еремија 17:7,8
Кога се потпираме на Бога во сите аспекти на животот, тогаш нема да бидеме напуштени, ниту Бог ќе не остави, напротив, сè што ни е потребно ќе ни биде обезбедено. Преку Господ Исус Христос е овозможено изобилие и на материјални и на духовни богатства, а при тоа срцето е ослободено од грижи, не е гладно и не чувствува недостаток, бидејќи преку Исус има сè.

А која е разликата помеѓу алчноста за пари и вистинското изобилие кое доаѓа од Бога, од каде доаѓа потиснатоста, колку ни е потребно за живот, кои се вистинските инвестиции и многу други прашања кои се однесуваат на разрешување од грижите, поврзани со беда и сиромаштија, детално се објаснети во книгата „Како да станеш богат“ од Пастор Константин Кајшаров. Оваа книга изобилува со духовни поуки и насоки кои се чекор кон богоугоден и благословен живот.
„Не собирајте си богатства на земјата, каде што молецот и рѓата ги уништуваат, и каде што крадци поткопуваат и крадат; туку собирајте си богатства во небото, каде што ни молец, ниту рѓа ги уништува, и каде што крадци не поткопуваат и крадат; зашто каде е твоето богатство, таму ќе биде и твоето срце.“ – Матеј 6:19-21
Подготвил: Маја Јовевска

