Некои луѓе немаат увереност дека Бог е на нивна страна и она коешто им се случува го разбираат најчесто на негативен начин. Затоа некои луѓе и на сончев ден и кога имаат успеси не можат да се радуваат, бидејќи нивниот животен амбиент е облачен, мизерен и во отсуство на светлина. Кога отсуствува светлината, цвеќето венее, така и самиот човек – неговиот дух е свенат, не може да се крене и да вкуси од животот. Без разлика што луѓето зборуваат за тебе или како ги толкуваш ситуациите и она кое те опкружува, знај дека Бог Го има првиот и последниот збор.
Затоа сега е важно да научиш дека не можеш да се согласуваш со светот, со ѓаволот, со себе си и да очекуваш потоа Божја интервенција, односно Бог да ти помага. Не се согласувај со луѓето кои не се во Бога, бидејќи тие што не го познаваат Бог некогаш лажат, некогаш се песимистички настроени и шират негативна прогноза или кампања за тебе, твојот живот, твојата работа или состојбата во која се наоѓаш, а некогаш наметнуваат бреме, те наведуваат на неморални и нечесни дела и компромиси. Не се согласувај со светот, односно општоприфатените вредности кои светот ги одобрува како мислењето дека богатите и модерните се успешни, а сиромашните се прости луѓе. Светот наведува кон тоа да бидат прифатени и одобрени педофилијата, развратот, зоофилијата, инцестот како нормални нешта и на тој начин неморалот да биде прифатен како нормална појава. Светот ја шири пропагандата за Еколошка свест и заштита на Планетата со мерката да се намали населението на Планетата за да преживее човештвото, односно легален и бавен геноцид.
Можеби не ти се верува ова, но се случува, а ти дали ќе се согласиш и ќе бидеш дел од она што светот го наметнува? Не се согласувај ниту со светските тенденции, ниту со светските прогнози за иднината. Не се согласувај со ѓаволот, тој е лажец и човекоубиец. Ти не го гледаш физички, но тој постои и преку демоните тој наметнува идеи за грев, негативни мисли, страв и состојби кои можат да произведат чувство на отфрленост, огорченост, бес, очај. Кога тој напаѓа може да предизвика физички проблеми, симптоми и болести со нејасна етиологија. Штом ги прифаќаш овие состојби како реални, тогаш започнуваш да ги опишуваш вербално, на тој начин ти се согласуваш со тоа што ти го наметнува непријателот.
Доколку се согласиш со неговите лаги, ти овозможуваш тој да има пристап до тебе и да те поразува во животот. Тој создава притисок за да почнеш од болестите да правиш опсесија, идолопоклонство, да те направи жртва и кога се препушташ на тој притисок ти дозволуваш неговата волја да се спроведува врз тебе. Не дозволувај ѓаволот да те угнетува, возврати со вера во Бога преку Името на Господ Исус Христос, заповедајќи тој да отстапи од тебе секогаш кога чувствуваш болки, мрачни мисли и сомнежи – и тој ќе побегне.
За да почнеш да живееш во практиката на верата, потребно е да навлезеш во Живо христијанство – мисија во која сум повикан да ги обучувам луѓето да бидат духовни оператори. Не се согласувај ниту со својот ум кој наводно ти дава разумни одговори, кои всушност многу често се погрешни заклучоци што напаѓаат како самодеструктивна ментална програма. Светото Писмо вели:
„Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум. Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки. Не замислувај дека си мудар: Бој се од Господа и отстранувај се од злото, тоа ќе биде лек за твоето тело и поткрепа на твоите коски.“ – Изреки 3:5-8

Наместо со себе, согласи се со Бога. Како? На тој начин што ќе ги земеш Божјите зборови и ветувања и ќе ги објавиш во прво лице еднина како да се напишани и кажани само за тебе, или во множина како да се кажани за твоето семејство. Штом ги објавиш во Името на Господ Исус Христос, тогаш се согласуваш со Бога и овозможуваш Тој да има пристап во твојот живот и да интервенира, зашто пишано е:
„Сине мој, внимавај на моите зборови, наведни го своето уво кон моите беседи; не ги губи никогаш од пред очите, пази ги среде своето срце; зашто се живот за оние кои ги наоѓаат и исцелување на сето нивно тело.“ – Изреки 4:20-22
Значи какви се Божјите зборови?
Тие се живот за оние кои ги наоѓаат и исцелување на сето нивно тело. Не се согласувај со околностите или лошите услови во кои си, не се помирувај и не се задоволувај со просечен успех прифаќајќи дека си поразен и дека твоите соништа се безвредни. Штом веруваш во Христос ти си Божјо дете и за тебе Бог овозможил победа, успех, просперитет. Не ја покривај светлината на Божјата благодат, бидејќи си избрал да веруваш дека Бог не те сака или дека не заслужуваш нешто добро, или затоа што околностите ти свират страшна музика. Погледни кон Изворот на Светлината и животот, а тоа е Исус.
Извадок од книгата „Победувај со Емануел“ од М-р Константин Кајшаров

