Ренесансата (франц. Renaissance, што значи „прераѓање“) е културно, уметничко и научно движење кое се јавува во Европа помеѓу 14-ти и 17-ти век. Периодот се дели на рана, висока и доцна ренесанса. Ренесансата настанува во Италија, особено во градовите – држави Фиренца, Рим, Венеција и Милано, а подоцна се шири и кон Северна Европа.
Во ренесансната уметност големо место заземаат уметничките дела со христијански мотиви. Црквата и папството биле главни нарачатели на уметнички дела во тој период – фрески, олтарни слики, скулптури за цркви и капели. Христијанската тематика (Исус Христос, Библиски сцени) останува, но стилот кај оваа уметност е поразличен од средновековната уметност – пореалистични фигури со атомска точност, перспектива и емоции.
Едно од најпознатите ренесансни дела е „Создавањето на Адам“. Тоа претставува фреска насликана од Микеланџело Буонароти помеѓу 1508 и 1512 година, која е дел од таванот на Систинската капела во Ватикан, Рим и е една од девет сцени од Првата книга во Библијата – Битие (Постанок) насликани на централниот дел од таванот.
Оваа слика го прикажува библискиот момент кога Бог му дава живот на првиот човек, Адам. Композицијата ги прикажува двете главни фигури:
- Адам – лежи на левата страна, со голо тело во опуштена, но издолжена положба и со испружена рака кон Бога
- Бог – прикажан десно, во движење, опкружен со ангели во еден вид облак/плашт, со испружена рака кон Адам.

Фото: Commons Wikimedia
Делото се смета за врв на Високата ренесанса и е една од најрепродуцираните и најпрепознатливи слики во светската уметност воопшто, честo користена како симбол за човечкиот допир со божественото.
Најпознат детаљ е малиот простор меѓу двата прста – Божјиот и Адамовиот – кои речиси, но не сосема се допираат. Овој простор станал еден од најпрепознатливите симболи во западната уметност. Овој детаљ често е толкуван како момент пред искрата на животот да премине од Бога кон човекот.
Но има уште едно толкување кое има подлабоко христијанско значење. Имено, Божјиот прст на сликата е целосно протегнат, со максимален напор, додека Адамовиот не е целосно протегнат, туку виси пасивно. Симболизирајќи го човештвото, адамовата позиција наспроти Божјата укажува на тоа дека Бог е Тој Кој што Е секогаш тука, но одлуката да Го бараме и да копнееме да ја обновиме релацијата со Него е на луѓето.
Целосно протегнатиот Божји прст укажува на тоа дека Бог направи се за да ја обнови релацијата со човештвото, Го даде Својот Единороден Син, Исус Христос, да ја отплати казната за гревовите на човештвото, за да можеме ние луѓето, оправдани преку Христовото дело на крстот, да пристапиме кон Бога. Затоа, сега одговорноста за тоа дали човекот ќе ја обнови релацијата со својот Создател, не е на Бог туку на луѓето.
Во Библијата се вели: „Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас!“ – Јаков 4:8
И на друго место Христос вели: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам.“ – Матеј 11:28
Бог праќа отворен повик до луѓето, повик да го бараме, повик да не останеме во пасивна позиција како Адамовиот прст, туку да ги отвориме срцата и да веруваме дека Христос умре за нас на крстот, да Му дозволиме да биде наш Господ и Спасител и така целосно да ја обновиме нашата релација со Бог. Љубовта секогаш дава право на избор, така и Бог го создал човекот со слободна волја и не се наметнува, туку чека да одговориме на Неговиот повик за обновена релација.
Впрочем, тоа е суштината на Христовите зборови: „Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.“ – Откровение 3:20
„Содржината е базирана на јавно достапни онлајн информации, со авторска обработка и интерпретација.“
Подготвил: Кристина Димитриевска

