Во христијанското учење, Светиот Дух е третата Личност од Светото Тројство, кое го сочинуваат Бог Таткото, Бог Синот-Исус Христос и Бог Светиот Дух.
Според Библијата, Светиот Дух бил присутен уште пред создавањето на светот, кога „лебдел над водите“. Во старозаветниот период, Светиот Дух дејствувал преку пророци и други избрани луѓе, преку кои Бог зборувал, а преку пророкот Јоил ветил дека еден ден Неговиот Дух ќе биде излеан врз сите луѓе.
Во Новозаветниот период, Исус Христос се отелотворил на Земјата преку Девица Марија, која зачнала од Светиот Дух.
При крштевањето на Исус Христос во реката Јордан, Светиот Дух се спуштил врз Него, во вид на гулаб. Потоа, со силата на Божјиот Дух, Исус Христос ја извршувал Божјата волја, проповедал меѓу народот, исцелувал болни, ослободувал од демони, воскреснувал мртви, ги утешувал оние кои страдаат, ја говорел Вистината, ги повикувал луѓето кон вера и покајание.
Според христијанското верување Исус Христос бил невин обвинет, измачуван, распнат на крст, со смрт ја платил казната за гревовите на сите луѓе, бил погребан, а третиот ден воскреснал.
Претходно, Исус Христос ги охрабрувал учениците дека нема да останат сами, туку дека набрзо ќе им прати помошник, Духот на Вистината.
Според библиските сведоштва, на празникот Педесетница, Светиот Дух се спуштил врз апостолите кои биле собрани заедно во молитва, при што се исполниле со духовна сила и сите почнале да зборуваат на непознати јазици. Овој настан се смета за почеток на континуирано престојување на Светиот Дух на Земјата, давајќи сила на апостолите да го продолжат Исусовото дело и да ја шират Радосната вест за спасение на луѓето преку вера во Исус Христос. Според Библијата, секој човек е грешен и заслужува казна смрт, но ако искрено се обрати кон Исус Христос и Го прими за свој Господ, по Божја милост му се простуваат гревовите, прима дар спасение и вечен живот.
Кога човек Го прима Христос за свој Господ и Спасител, Божјата љубов се излева во неговото срце, Светиот Дух го оживува неговиот дух и преку него има единство со Бога. Оваа изјава на вера ја потврдува со покајничко водно крштевање од духовен водач, кој потоа се моли човекот да биде крстен во Светиот Дух.
При крштевање во Светиот Дух, Тој се излева во целата негова личност, во неговата душа-интелект, емоции, мисли, намери, и почнува да зборува на непознати јазици.

Светиот Дух му помага на верникот да се оддалечи од гревот, да гради личен однос со Бог, да живее осветен живот по примерот на Исус, со молитва и проучување на Божјото Слово. За сето ова потребно е водство од духовен водач, пастор во црква движена од Светиот Дух и заедништво со други верници.
Божјото присуство во верникот преку Светиот Дух носи духовна преобразба и плод во неговиот карактер – љубов, радост, мир, добрина, кроткост, љубезност, чесност, трпение, самоконтрола.
Светиот Дух го менува критериумот на живеење, прави одбивност кон грешни дела, а желба за праведност и чистина. Тој поттикнува човек да биде привлечен кон светост без религиозни обреди, обичаи и ритуали, да има копнеж за Бога и можност да го слуша Божјиот глас.
Библијата посочува разлика меѓу формален религиозен живот и практична, жива вера со примена на дарби од Светиот Дух (мудрост, знаење, разликување духови, вера, исцелувања, чудотворства, зборување непознати јазици, толкување непознати јазици, пророкување).
Светиот Дух во човековата личност прави промена на неговиот внатрешен идентитет, прави негова подобрена верзија, со духовна ДНК. Тој овозможува човек да се гледа себе си од Божја перспектива, да знае дека е сакан од Бога, оправдан, спасен, благословен, да е уверен дека е Бог со него во секоја ситуација, му дава сила да победува во животот и да делува за добро на другите луѓе.
Светиот Дух дава сила на верниците да сведочат за Исус Христос, да ја шират Радосната вест за спасение преку вера во Него.
Секој човек не само што има можност да биде спасен, исцелен, благословен, туку може да стане учесник во Божјиот план за спасение на човештвото а на крајот од неговиот живот Бог да го воскресне со Светиот Дух, истиот со Кој Го воскресна Исус Христос, а потоа да живее во вечноста заедно со Господа и со сите кои ја примиле Божјата љубов и поверувале во Исус Христос.
Подготвено од Софија Кузмановска
(според проповеди и книги од Епископ Константин Кајшаров, од Христијанска Црква Блага Вест во РМ)

