Колку пати во текот на денот велиме „да“ само за да не повредиме некого, за да нè прифатат или за да го зачуваме лажниот мир во семејството, во кругот на пријателите, или на работното место? Динамично е времето во кое живееме и е премногу лесно да се изгубиме во обидот да им угодиме на сите околу нас. Преку социјалните мрежи и секојдневните средби, постојано не следи притисокот да бидеме совршени пријатели, успешни колеги и безгрешни примери. Но, ако застанеме за миг во тишината на нашата соба и погледнеме длабоко во сопствената душа, ќе го почувствуваме оној тежок, тивок умор од постојаното претворање во она што не сме. Тогаш, речиси природно, во срцето се раѓа суштинското прашање: на кого навистина се обидуваме да му угодиме – на луѓето или на Бога?
Оваа дилема не е нешто ново. Апостол Павле, кој и самиот се соочувал со притисокот на тогашниот свет, во своето послание до Галатјаните 1:10 вели: „Дали јас се обидувам да им угодам на луѓето и ним да им се умилкувам? Мене ми е важно Бог да го одобрува тоа што го проповедам. Да ми беа важни луѓето, немаше да станам службеник на Христос!„
Овие зборови не нè повикуваат да бидеме груби, бунтовни или рамнодушни кон нашите ближни. Напротив, христијанството повикува на љубов и заедништво. Сепак, постои огромна и суштинска разлика помеѓу тоа да го сакаш ближниот од срце и тоа да станеш роб на неговите очекувања. Кога главниот мотив за нашите дела е само човечката пофалба, ние свесно градиме куќа на песок. Луѓето, во својата несовршена природа, се менливи. Нивното мислење е како ветрот – денес можат да нè слават и креваат во висините, а веќе утре да нè заборават или осудат.
Бог, пак, не бара од нас надворешно совршенство што служи само за да го задоволи окото на јавноста. Тој не нè вреднува според нашиот општествен статус, бројот на пријатели или успесите што светот ги мери. Бог никогаш не гледа онака како што гледа човекот, односно на лице, туку гледа што пребива во нашето срце.
Кога избираме да Му угодиме на Господ Исус Христос, ние всушност ја избираме вистината, која носи слобода. Неговиот „аплауз“ не доаѓа во форма на лајкови или минливи човечки признанија, туку како тивок мир и постојана радост.
Честопати мислиме дека за да Му угодиме, мора да правиме големи, грандиозни дела што ќе ги восхитат сите. Но, вистината е сосема поинаква. Господ се радува на малите, искрени чекори на нашето срце.

На Бога Му угодуваме тогаш кога избираме да простиме на оној кој не повредил, дури и кога гордоста ни вели да вратиме со иста мера. Му угодуваме секој пат когаќе подадеме рака на некој што е осамен или отфрлен од општеството, гледајќи го Христа во неговите очи. Нашето секојдневие е исполнето со безброј такви примери, да се каже утешен збор на тажен колега, да се подели лебот со гладниот, да се одвои време во тишина за искрена молитва и благодарност.
Му угодуваме на Бога и со нашата верност во малите нешта. Кога работиме чесно и одговорно, дури и кога никој не нè гледа, знаејќи дека Тој гледа сè. Кога ја избираме вистината наместо лагата, и кога со љубов го браниме она што е праведно. Секое наше „не“ кажано на искушението и секое наше „да“ кажано на љубовта, го радува Бог. Тоа е пат на кој нашите секојдневни избори сведочат за благодарноста кон Него.
Кога ќе помине денот и кога ќе ги затвориме очите, остануваме само ние и Господ Исус Христос. Луѓето не можат да ни ги излечат раните на душата, не можат да ни ги простат гревовите, ниту пак можат да ни подарат вечен живот. Тоа може само Оној кој нè возљуби со вечна љубов уште пред да се родиме.
Кога Бог е цврсто поставен на првото место, сè друго си доаѓа на свое место. Тогаш и нашите односи со луѓето стануваат поздрави – ги сакаме искрено и чисто, но без стравот дека ќе ги разочараме ако не сме совршени. Да чекориме храбро низ животот, барајќи ја единствено Неговата волја, бидејќи само во Неговота прегратка е нашата вистинска и вечна слобода.
Подготвил: Маја Јовевска

