Духовна аптека

Како да живееш автентично во свет на филтри?

Живееме во време, во кое вистината често се заменува со една нејзина нереална, дигитална верзија, која создава погрешна слика, убава за очите, но тажна за срцето.

Денес е многу лесно и едноставно да се сокриеме зад совршен Фејсбук и Инстаграм филтер, или зад одлично уредено Тик Ток видео. Многумина го прикажуваат најдоброто од себе, избирајќи совршен агол, засилени бои и алатки кои го прикриваат уморот, подочниците и разните несовршености, а тоа подразбира часови поминати во уредување на сопствениот живот, со цел да се добие одобрување од светот, во форма на лајкови и коментари.

Насмевката не изостанува, иако можеби зад неа се крие скршеност, тага, разочарување, осаменост и стрес. И додека светот го сака нашето совршено лице, измазнето и блескаво од разните филтри, кои ја сокриваат ранливоста, постои Некој, Кој го сака нашето срце и Кој ја гледа секоја наша пукнатина и секоја скриена солза. Тој не љуби во сета наша несовршеност и ни вели:

„Дојдете кај Мене сите вие кои сте изморени и натоварени со тешки бремиња, Јас ќе ве одморам!“ – Maтеј 11:28

Тој, Кој не засака во нашата најлоша верзија и сака да направи најдобра верзија од нас е Господ Исус Христос. Пред Него нема докажувања, ниту глума. Тој бара од нас искрено срце, кое љуби, ја сака нашата уникатност и зависност само од Него. Неговата благодат е нашиот најголем украс. Кога Тој престојува на престолот на нашиот живот, тогаш сме најубави, бидејќи сме искрено радосни, духовно исполнети, а тоа не може да се сокрие. Едноставно, срцето не може да се филтрира, тоа најгласно зборува, а кога срцето Господ го менува, тоа се гледа и се чувствува. Лажните претстави за совршенство се заменуваат со увереноста дека Бог не љуби и не прифаќа и кога немаме шминка на лицето и кога нашата коса е седа.

Прекрасно е кога се трудиме да му угодиме на Бога, а не на светот, кога времето, наместо за филтрирање и разубавување на социјалните мрежи, го минуваме во молитва или пак во дружење со луѓето, кои ни се радуваат и не сакаат. Божјата љубов, ја исполнува секоја наша пукнатина, а кога ќе ја исполни, тогаш тие пукнатини, кои некогаш биле симбол на болка и пораз, преку Христа стануваат сведоштво за нашето исцеление и победа, но и за нашата автентичност, за која не се потребни филтри.

Маја Јовевска

Можеби ќе ви се допадне

Духовна аптека

Биди сонце што не згаснува

  • 24.02.2026
Денот е посветол кога не ги паметиш лошите мигови и си простил на туѓата неспособност да те љубат и прифатат.
Духовна аптека

Без љубов животот нема смисла 

  • 24.02.2026
Како што поминуваат годините, деновите гледаме дека љубовта меѓу луѓето оладува и затоа многумина се разболуваат. Човек без љубов е