Духовна аптека

Односите во семејството, кои оставаат траен печат во детското срце

Првите лекции за животот децата ги учат во семејството. А дали ќе научат добри, или лоши животни лекции зависи од нивните родители, од меѓусебниот однос кој тие го имаат во бракот и домот. Кога децата растат во дом во кој се негуваат христијанските вредности, тие учат како се живее Христовата љубов во дела. Тоа е нивната прва и најважна лекција.

Кога детето ќе види како таткото ја сака неговата мајка, онака како што Христос ја засака Црквата, како ја држи за рака и ја гледа со насмевка и милост, а од друга страна како мајката му возвраќа со почит и поддршка, тогаш детето ја разбира практично дефиницијата за љубов. Кога тоа дете гледа како родителите си помагаат и во добри и во лоши ситуации, разбира дека љубовта не е само чувство, туку многу повеќе од тоа.

Втората бесценета лекција е умешноста да се прости и да се каже „извини“. Семејството не е заедница на безгрешни луѓе и затоа многу значи кога секој од нив умее да се покае и да се извини кога ќе погреши. Децата не треба да растат во илузија дека конфликтите не постојат, туку да бидат сведоци како тие конфликти на христијански начин се решаваат.

Понатаму, децата преку стабилноста на родителскиот брак стекнуваат емоционална сигурност, а кога ги гледаат своите родители цврсти во верата, тогаш и во нив се разгорува љубовта и верата кон Бога и желбата заеднички да се молат, да одат во Црква, да постат, но и да им послужат на другите. Кога децата гледаат како нивните родители го доверуваат својот живот на Господ Исус Христос,како клекнуваат во молитва и со понизно срце Му благодарат за сè, осознаваат Кој е изворот на надежта и од каде доаѓа помошта во сите животни бури. Сето ова им помага да научат да живеат потпирајќи се во сите ситуации на Бога, да се секогаш радосни во надежта, трпеливи во неволја и постојани во молитва.

Здравиот христијански брак на родителите е жив модел, според кој децата утре ќе ги градат своите сопствени семејства, но и односите со другите луѓе. Во свет во кој браковите се рушат како „кула од карти“ децата на христијанските родители имаат благослов да учат за истрајноста, верноста, трпението и мирот во семејството, за сè да разговараат со мајката и таткото, без да бидат осудени. Гледајќи ги своите родители тие осознаваат дека христијанството не е збирка на правила, туку живот исполнет со многу благослови, трајна радост и безусловна љубов, кои доаѓаат од Господ Исус Христос.

Маја Јовевска

Можеби ќе ви се допадне

Духовна аптека

Биди сонце што не згаснува

  • 24.02.2026
Денот е посветол кога не ги паметиш лошите мигови и си простил на туѓата неспособност да те љубат и прифатат.
Духовна аптека

Без љубов животот нема смисла 

  • 24.02.2026
Како што поминуваат годините, деновите гледаме дека љубовта меѓу луѓето оладува и затоа многумина се разболуваат. Човек без љубов е