Духовна аптека

Тивката победа над стареењето и смртта

Живееме во време на материјализам, каде успехот се мери исклучиво со она, кое може да се пресмета, купи, или покаже. Се создава илузија, дека со парите се поткупува времето, за да се создаде лажна сигурност. Се вложуваат милиони во фондови за мирна старост, се инвестираат огромни суми во козметички препарати за подмладување и пластични операции, за да се сокријат трагите од годините, со цел да се сочува младоста. Но сепак, тоа е само привремена маска, обид да се сокрие тоа, кое е неизбежно.

Притоа, се заборава фактот дека стареењето и смртта се реалност, која парите не можат да ја спречат. Дури и најраскошните домови еден ден ќе остарат, фондовите можеби ќе пропаднат, но времето, кое е ограничено и скапоцено, ќе измине потрошено во погрешни вредности.

Кога човекот ќе се соочи со оваа реалност, тогаш се соочува со немоќта на земните блага. Но ако светот го погледнеме низ призмата на верата, осознаваме дека стареењето не е непријател. Во христијанството, тоа е благослов и дел од Божјата промисла за човекот. Да, физичката сила ослабнува, но токму во таа немоќ , се создава простор за вистинската, духовна радост.

Кога светот се гледа преку духовните очи, со вера во Господ Исус Христос, тогаш и поинаку се гледа на староста. Седата коса и брчките не се печат на пораз, туку Божја милост на подарено време за простување, исцелување, за пронаоѓање мир, за продлабочување во верата. Тоа е време кога човекот конечно може да застане, повеќе да се посвети на семејството и да сведочи за Божјите добрини во неговиот живот. Ниту едно злато на овој свет, не може да ја откупи младоста, ниту пак да ја спаси човечката душа.

Единствената вистинската победа над смртта е веќе извојувана, преку Господ Исус Христос, преку Неговото Воскресение, за секој, кој верува во Него да има вечен живот. А за да го вкусиме вечниот живот, треба да инвестираме во нешта кои не гнијат.

Токму затоа, во Светото Писмо се вели:

„Не напластувајте си богатство овде на Земјава, каде што молци и ’рѓа го уништуваат и крадци провалуваат и го крадат, туку напластувајте си богатство на небото, каде што ни молци ни ’рѓа го уништуваат, ниту пак крадци провалуваат и крадат. Зашто, каде што ви е богатството, таму ќе ви биде и срцето. – Матеј 6:19-21

Младоста и парите се минливи, но духовното богатство е траен и непресушен извор на радост. Кога времето му го посветуваме на Бога, се случува чудо, телото иако старее, духот останува свеж и полетен. Духовниот мир не ослободува од стравот за утрешниот ден и од притисокот на овој свет. Во тие мигови нашиот поглед не е веќе прикован кон световните нешта, туку е насочен кон Господ Исус Христос, во Кого животот е вечен, убав и нераспадлив.

Подготви: Маја Јовевска

Можеби ќе ви се допадне

Духовна аптека

Биди сонце што не згаснува

  • 24.02.2026
Денот е посветол кога не ги паметиш лошите мигови и си простил на туѓата неспособност да те љубат и прифатат.
Духовна аптека

Без љубов животот нема смисла 

  • 24.02.2026
Како што поминуваат годините, деновите гледаме дека љубовта меѓу луѓето оладува и затоа многумина се разболуваат. Човек без љубов е