Се радуваш ли на денот, на светлината што лицето ти го милува, а уште повеќе кога и во срцето светлината допира?
Колку е убаво кога ја имаш Светлината на животот, кога го следиш Тој, Кој е Светлината на светот. Тогаш за тебе нема темнина, туку само радост во блескавата вистина.
Исус е Светлината и само со вера во Него без страв чекориме, Тој не води и не можеме да се загубиме.
А секој, кој ја извршува вистината, со видливи дела во Бога, оди кон Светлината. Колку е прекрасно да си дете на Светлината и името да ти е запишано во Книгата на животот, душата да ти се весели во Господа и да се радува на спасението. Што и да преземеш сè да ти успева, да врвиш по осветлени патишта, да се одмараш на зелени ливади и пасишта.
Колку е радосно да си светлина во Господа, така да живееш и да делуваш, во Христовата благодат да пребиваш.
„Вие сте светлината на светот. Град кој лежи на рид, не може да се скрие; ниту се пали светило, за да се стави под житно мерило, туку на светилник, и им свети на сите кои се во куќата. Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е во небесата.“ – Матеј 5:14-16
Маја Јовевска

