Да се биде христијанин, значи љубовта, која Господ Исус Христос на дело ни ја покажа да се практикува секојдневно. Христијанството не се живее само еднаш неделно, кога се оди во црква, туку постојано, а тоа подразбира да се чекори по патот на мирот, љубовта, радоста, но и да се почитува човековото достоинство, да се простува и сочувствува со останатите.
Во овој свет, кој е преплавен со конфликти, гнев и агресија, суштината на христијанството е дека вистинската сила не се огледува во доминацијата над другиот, туку во способноста злото да се победи со добро. Патот на насилството започнува во човековото срце. Кога тоа е исполнето со гнев, плодот е вршење агресија врз другите луѓе. Но никогаш не е доцна тоа срце да омекне и да се исполни со добрина, чистина и љубов. Во историјата на христијанството, некои од најмоќните сведоштва доаѓаат токму од оние кои се вратиле од самата порта на пеколот.
Во Новиот Завет восхитувачки е радикалниот пресврт на Апостолот Павле. Тој бил фанатичен прогонител на првите христијани, мислел дека постапува правилно, но срцето му било заслепено од гнев и предрасуди. Неговото име тогаш било Савле и сеел страв насекаде каде што ќе поминел. Патувал од град во град за да ги затвори и казни следбениците на Исус. Но Бог имал поинаков план за него. Во моментот на неговиот пат кон Дамаск силна светлина од небото го ослепела и го чул гласот на Исус, Кој го запрашал: -„Савле, Савле, зошто ме прогонуваш?“
Ова слепило било метафора на неговото духовно слепило, кое завршило дури откако паднал на земја, ја изгубил гордоста и започнал да гледа со очите на срцето. Тој морал да ослепи за светот, за да прогледа за вистината. Савле станал Павле, патувал низ светот трпел камшикувања и затвори , само за да проповеда за Исус. Човекот кој ги затворал христијанските цркви, станал нивен градител.
Но Бог и денес прави чуда и менува животи. Пред околу 4 децении се роди една слична приказна, во која Мајкл Франзезе, син на познат озлогласен заменик-шев на мафијашкото семејство Коломбо, на чудесен начин станал проповедник и Христов амбасадор.


Тој пораснал во срцето на њујоршката мафија. Покрај својот татко, брзо се искачувал на криминалната скала. Имал се што светот може да понуди: приватни авиони, вили, луксузни автомобили и моќ. Но сепак, живеел во постојан страв од затвор, или атентат, опкружен со луѓе на кои не им верувал. Пресвртот во неговиот живот не дошол преку полициска акција, туку преку една млада девојка, Камил Гарсија. Таа била христијанка, а нејзиниот живот целосна спротивност од мафијашкиот свет. Чистината, мирот во неа, како и длабоката вера во Исус, почнале да го привлекуваат Мајкл.
Преку неа и нејзината мајка, тој за прв пат почнал да слуша за Евангелието и да чита Библија. Љубовта кон Камил и светлината на Христовата вистина му ги отвориле очите. Сфатил дека има важен избор пред себе, да остане со Камил, или да продолжи во опасните криминални води. Сепак љубовта победила и донел одлука јавно да ја напушти мафијашката организација. Тоа значело дека неговите поранешни пријатели, па дури и татко му, потпишале наредба за негова егзекуција.
Набрзо по повлекувањето, бил уапсен и осуден на затворска казна. Токму во осамата на затворската келија, во депресија, со страв за својот живот и животот на своето семејство започнал редовно да чита Библија и сфатил дека Исус Христос е негов Спасител и најдобар пријател.



Чудесно е што наредбите за неговото убиство никогаш не се извршиле. Кога излегол од затвор бил сосема нов човек. Животот го посветил на проповедање на Евангелието, патувајќи ширум светот како христијански говорник, посетувајќи затвори, универзитети и цркви.
Денес има 75 години, се уште сведочи за Господ и е жива потврда на зборовите од апостол Павле во 1 Тимотеј 1:15-16 „Исус Христос дојде на овој свет за да ги спаси грешните.“ Оваа вистина сите треба да ја прифатиме со целосна доверба. Јас сум најголемиот грешник од сите! Но токму заради тоа Бог се смилува над мене и преку мојот пример покажа колку Исус Христос е трпелив со нас грешните. Така и други луѓе ќе сфатат дека и тие можат да поверуваат во Него и да добијат вечен живот.”
„Содржината е базирана на јавно достапни онлајн информации, со авторска обработка и интерпретација.“
Подготви: Maja Јовевска

