Духовна аптека

Кој ја докажа верата пред Царот и го доби престолот?

Еден цар сакал да ја омажи ќерка си за некој човек кој верувал во Бога. Од сите кандидати само тројца останале најподобни за да бидат тестирани од Царот.

На сиромашниот маж кој кандидирал за да му биде зет и тврдел дека верува во Бог, Царот му дал златници. На богатиот маж кој сакал да му биде зет и тврдел дека верува во Бог, Царот му дал власт над еден град. На занаетчијата -дрводелецот кој кандидирал да му биде зет и тврдел дека верува во Бог, Царот му дал повеќе хектари дрвја, да располага со една гора.

Царот им дал на кандидатите она што им недостигало и им кажал дека после 6 месеци ќе разговараат одново за да му кажат дали веруваат во Бог и дека тогаш ќе одлучи кому ќе му ја даде својата ќерка.

По 6 месеци Царот се состанал со нив и ги прашал што направиле со можностите и верата во Бога.
Сиромашниот рекол: -„кога ми ги дадовте златниците се подновив, си купив нови алишта, коњ, нова куќа, неколку дуќани за да ги издавам, мислев дека сакате богат зет.“

Богатиот рекол: -„кога ми дадовте власт над градот сите луѓе стари и млади кои не плаќаа данок ги затворив во ќелија, зашто претпоставив дека вие сакате да се покажам како човек на правдата.“

Дрводелецот рекол: -„кога вие ми ја дадовте гората и дрвјата, јас имав можност да го направам тоа што Господ го сака. Господ сака дом за секое дете, да бидат згрижени сиромашните, да се прехранат гладните и да се негуваат старците. Затоа на гората со дрвјата направив село и дрвени куќички, ги сместив сираците, бедните, старците. Едните ги научив на занает да бидат дрводелци, останатите да се грижат за старците, а старците да ги поучуваат сираците. Го направив ова бидејќи ми дадовте можност да ја покажам мојата вера во Бога на дело. Згрижени се овие луѓе кои веќе нема да се терет на Вашето Царство и се надевам не погрешив.“

Тогаш Царот му рекол на сиромашниот: -„освен себичност и да мислиш на себе си друго не знаеш, ти не веруваш во Бога бидејќи ги гледаш сопствените интереси и кога имаше можност да им помогнеш на бедните како тебе ти не покажа милост, не само што нема да ми бидеш зет туку те протерувам од моето Царство.“

Царот се свртел кон богатиот и му рекол: -„ти дадов власт за да видам што срце имаш, но ти угнети луѓе, не покажа милост, ни прошка и тоа покажува дека имаш тврдо срце без љубов, а тоа значи дека веруваш само во себе не во Бога. Ти сега со сето богатство твое ќе го платиш долгот на задолжениот народ кој денес ќе го ослободиш и потоа ќе заминеш од моето царство.“

Тогаш Царот се свртел кон дрводелецот и му рекол: -„ти не претпоставуваше што јас сакам ниту се трудеше мене да ми се допаднеш, ти ја искористи можноста на Бога да му угодиш и со љубов да послужиш. Ти имаш срце полно со Божјата љубов штом мислиш на другите повеќе од себе си. Ти покажа пример за поддршка и несебичност и навистина твојата вера во Бога донесе плод. Радосен сум што им помогна на луѓето од Царството мое и достоен си да ја земеш мојата ќерка, но и да ти го предадам престолот од Царството зашто докажа дека можеш да владееш. Владеењето е служење на другите луѓе со вера во Бога, но ти веќе го знаеш тоа. Сега ти си мој син.“

Извадок од книгата „Биди поинаков“ од М-р Константин Кајшаров

Можеби ќе ви се допадне

Духовна аптека

Биди сонце што не згаснува

  • 24.02.2026
Денот е посветол кога не ги паметиш лошите мигови и си простил на туѓата неспособност да те љубат и прифатат.
Духовна аптека

Без љубов животот нема смисла 

  • 24.02.2026
Како што поминуваат годините, деновите гледаме дека љубовта меѓу луѓето оладува и затоа многумина се разболуваат. Човек без љубов е