Имаш ли достоинство?
За некои луѓе никогаш нема да е доволно тоа што го правиш за нив, никогаш нема да си доволно добар или способен, никогаш нема да си во право иако ја зборуваш вистината.
Какви луѓе се тоа?
Тоа се луѓе со високо мислење за себе, нон стоп ти делат совети односно “за твое добро” те критикуваат и ти набиваат вина, а всушност те комплексираат, сакаат да те контролираат и те обесхрабруваат.
Кои се тие луѓе?
Замисли тоа се некои блиски до тебе или некои кои мислат дека те познаваат и мислат дека си расипан човек бидејќи тие сакаат да го видат во тебе она што тие го имаат во срцето. Зарем ќе докажуваш, ќе им се правдаш? И тоа нема да е доволно, затоа ослободи ги од себе.
И како со такви луѓе да се справиш?
Несмевни се, прости им во срцето, имај го мирот, биди секогаш подготвен да им помогнеш само ако тоа го побараат некогаш од тебе, но дотогаш ако ги сретнеш на патот одмини ги и гледај ја целта пред тебе која тие луѓе ја немаат.
Го разбрав ова на своја кожа, но не дозволив да се огорчам туку секогаш да го барам светлото на крајот од тунелот. И кога се ситеа на моите падови, кога наместо рака за поддршка беше рака која шамари, кога наместо искреност добивав нож во грб од пријатели, научив дека мојата цел е љубовта. Оваа љубов ја најдов во Христа, оваа љубов ме ослободи и ме спаси, но која е твојата цел?
Извадок од книгата „Биди поинаков“ од М-р Константин Кајшаров

