Беше долга недела, а секој нареден ден ми беше се понапорен. Многу работа, обврски и притисоци од сите страни, напнатост… Прво почна да ме боли дланката, па лактот, потоа болката се прошири и на рамото, вратот ми се вкочани… Дополнително отеков чудно, стомакот ми се поду.
Чувствував омалаксаност, ми се стемни пред очи, па почна да ми светка, ме облеа пот, мислев дека ќе се онесвестам.
Се помолив, се помазав, малку ми олесна, но секое движење сеуште болеше, едвај се облеков, а и се ми беше тесно. Облеков широка кошула, за да не се примети. Сакав само да легнам и да спијам, се чувствував премногу уморна. Требаше да имаме проба со тимот за славење, а потоа и богослужба. Отидов со надеж дека после пробата ќе ја прашам пријателката докторка што да се напијам, нешто на природна база, да ми помогне.
Пробата почна, песните се редеа, атмосферата комплетно се смени, тежината исчезна. Се препуштивме и Го славевме Господ Исус Христос со радосни срца. Времето летна, пробата заврши, а потоа и богослужбата, а јас немав никаков проблем. Болките исчезнаа, подуеноста и уморот исто така. Се чувствував како да сум се вратила од одмор.

Ова не е прв пат да бидам во ситуација да ми е многу тешко, да ме боли нешто или едноставно да не знам што да правам, тогаш само се препуштам и Го славам Господ Исус Христос, а Тој на Свој чудесен начин совршено средува се. Понекогаш со самото присуство на Богослужба, славење и слушање на проповед од нашиот Пастор Константин примаме исцелување и добиваме одговор на разни прашања што не мачат.
Имаме многу такви примери во Словото, а еден од моите омилени е во Дела на Апостолите.
„Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. Но одеднаш стана силен потрес, така што се стресоа основите на темницата: во истиот миг се отворија сите врати, и на сите им паднаа оковите.” – Дела 16:25-26
Зорица Јандриеска

