Утро е, се будиш и чувствуваш љубов, која со зборови не се опишува, те преплавува, те трогнува до солзи. Радост те исполнува и додека го искусуваш мигот, твоето срце пишува благодарствена молитва, која тивко ја изустуваш со насмевка:
– Ти благодарам Господе Исусе Христе и овој ден и секој нареден ден моето срце ќе Ти благодари за Твојата безусловна љубов, со која ме стопли, за Твојата љубов, која го надминува знаењето, за љубовта, која ме исполни со сета Божја полнота. Твојата добрина е до небото и јас Ти благодарам што го исполнуваш мојот живот со добрини, Ти благодарам што учам од Тебе за верноста, бидејќи твојата верност е до облаците. Јас знам,бидејќи те љубам, дека се ми содејствува за добро. И знам, бидејќи ми вети иднина, дека мојата надеж никогаш нема да пропадне. Ти благодарам што Го сврти Својот поглед на мене и што ми донесе мир. Дарувајќи ми ја Твојата љубов, ме научи никогаш да не се радувам на неправдата, туку само на вистината, да имам разбирање за сите, секогаш да се надевам, секогаш да верувам, се да поднесувам. Јас мојата сила ја црпам од Тебе и од
Твојата огромна моќ. Ти си мојата Карпа на која цврсто стојам, прибежиште мое. Ме запази од тага и ме опкружи со радоста на спасението. Затоа, со силен восклик во срцето, велам БЛАГОДАРАМ ГОСПОДЕ ИСУСЕ ХРИСТЕ!
~ Според Божјите ветувања од Светото Писмо ~
М. Ј.

