Книгата, која е без конкуренција, во однос на читаноста, тиражот, продажбата, дистрибуцијата, јазичната достапност и влијанието врз светската историја и култура е Библијата.
Преведена е на повеќе од 700 јазици во целост, додека некои делови на 3495 јазици, а овозможува пристап до нејзината содржина за над 95% од светското население. Се проценува дека годишно се печатат по 100 милиони примероци. Составена е од 66 книги од кои 39 во Стариот Завет и 27 во Новиот Завет.
Но, тоа што ја прави Библијата скапоцена за човештвото е фактот дека таа е Божјото Слово и е Божји дар. Во неа се наоѓа излезот од мракот, бедата и од секоја животна ситуација, која обременува. Луѓето кои ја пишувале, не ја пишувале според нивната волја, туку биле водени од Светиот Дух. Секој збор во неа е вистинит и исполнет со Божјата моќ и авторитет. Библијата е Живо Слово, кое храни, лекува, осветува, изградува, дава моќ и мудрост да се победи злото, но и насоки за спасение и вечен живот.
Светото Писмо не учи дека не може да се живее само од леб, туку од секој збор, кој излегува од устата на Бога. А тие зборови исцелуваат, просветлуваат и вразумуваат, преку нив човек може да се запази чист, живот се за оние кои ги наоѓаат.
Божјите зборови го радуваат човековото срце и токму во срцето треба да ги запазиме, бидејќи само така нема да згрешиме против Бог. Кога Божјото Слово пребива во човекот, само тогаш човек е силен и го победува ѓаволот.
Библијата ги содржи најскапоцените ветувања, преку кои Господ Исус Христос ни обезбедува иднина и надеж.
Таа е книгата, која се чита постојано и не е како останатите книги, кои, кога еднаш ќе се прочитаат, остануваат трајно на полицата во библиотеката. Таа буди копнеж, бидејќи е ризница на мудрост, преку неа го запознаваме Бог. И затоа ако го љубиме Словото, тогаш го љубиме и Бога.
Оваа книга е непроценливо богатство, а сепак секому достапно и затоа треба да биде постојано во човековите раце, но пред сè во срцето, бидејќи е писмо директно од Бог, преку кое Тој секому се обраќа со безусловна љубов, секого прегрнува, утешува, носи постојана радост и насоки за живот во благодат и победа.
„Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека.” Псалми 119:105
(Во дел од текстот е содржан материјал од Богослужбите на Епископ Константин Кајшаров)
Маја Јовевска

