Една млада девојка која беше позната виолинистка ми се обрати за физиотерапевтски третмани. Таа имаше операција на лактот после воспаление, кое предизвика низа компликации при заздравувањето и ограничено движење. Иако беше со бројни успеси и кариерата и беше во подем, сепак таа беше разочарана од сè што и се случуваше. Пробала да оди кај разни специјалисти и терапевти, но сепак го немала посакуваниот резултат. Ја запрашав дали во себе се сомнева, дали е доволно добра и дали постигнува доволно со вежбањето. Таа се изненади и потврди. Потоа ја прашав од каде такви прашања и сомнежи во неа, дали тие доаѓаат од неа или звучат во нејзиниот ум со гласот на мајка и, татко и или брат и.
Таа беше збунета и се насолзија очите и на крај призна дека постојано во својот ум го слушала гласот на татко и. Тој ја притискал да биде успешна, беспрекорна, фокусирана на успехот, а не дефокусирана со другарки и дечко. Сето тоа предизвикало револт во неа кој се манифестирал со воспаленија и тенисов лакт. Откако ја поминавме темата за простувањето и душевните врски, потоа темата за трансформација на ограничувачките верувања, продолживме со практика на визуелно верување. Помина 2 часа. Дури потоа применив истегнување и вежби и лесен физиотерапевтски третман, а ефектот веднаш беше видлив. Таа се зачуди и разбра дека навистина материјата се потчинува на духот и она што е дел од нашата духовна природа – верувањето.
Нејзиниот татко чекаше во чекалната, а тој се зачуди кога таа излезе сосема радосна и здрава. Девојката си замина со нови верувања поголеми од татко и, но и со здрава рака која дотогаш беше ограничена заради затворот во кој тлееше нејзината душа.
Некогаш позади ограниченото користење на раката стои ограничувачко верување поврзано со сомнежи и дилеми во однос на тоа што човекот го врши и работи: дали е доволно, дали е доволно добро, дали има смисла. Како резултат на овие верувања и ставови се случуваат ситуации на повреди, разболувања и страдања. Тој механизам „на сам против себе“, некогаш е основа и за автоимуни заболувања. Не можеш да одиш напред ако си ограничен од јажиња кои те влечат назад, не можеш да влезеш во Ветената Земја ако не ги прескокнеш границите на твојата комфорна зона.
Извадок од книгата: „Верувања преку визуелизација“ М-р Константин Кајшаров

