Дали можеби и ти се соочуваш со ограничувања кои треба да бидат прескокнати?
Светот ти наметнува да влезеш во улогата на одлучна личност, стабилен човек, да бидеш пример на успех, за лидер, пример за восхит, прекрасен, убав, популарен, згоден, славен и полн пари, но тоа е светот и човечките површни стандарди кои ако не ги задоволуваш ќе искусиш отфрленост, исмевање, озборување и слично. Додека Бог сака само да Му веруваш и да ја искусиш Неговата љубов како дете кое е сакано од својот Родител.
Не е страшно да се соочиш со твоите слабости и недостатоци, но не ги криј, не ги игнорирај, едноставно признај си ги пред себе, но не дозволувај да те дефинираат и определат ниту да те совладаат. Секоја твоја грижа, страв, дилема, слабост, признај ја и довери ја на Бога. Осознај дека ти треба Бог и дека само на Него можеш да Му се довериш. Присети се од што ли не и од какви ли не ситуации Бог те има избавено дури и кога не беше свесен за Него. Постапи како Давид, кој кога тргна во борба против Голијат рече:
„Господ, Кој ме спасуваше од канџите на лавот и мечката, ќе ме спаси и од рацете на овој Филистеец.“ 1 Самоилова 17:37.
Филистиецот Голијат беше џин, тој е големиот предизвик со кој се соочуваш, како болест, страв, проблем, но Давид очекуваше дека Бог ќе биде со Него како што беше кога го нападнаа лавот и мечката и го избави. Токму заради тоа конструктивно верување кое Давид го имаше во срцето, тој очекуваше победа над големиот Голијат. Давид беше уверен дека штом Бог е со него нема ништо против него. И така се случи.
Какво очекување имаш ти, победничко или поразително?
Очекувај добро како Давид, очекувај дека Бог е со тебе и сѐ ќе биде добро.
Извор: „Верувања преку визуелизација“, од Константин Кајшаров

