Некогаш човек си вели:
Чудо да се случи па и јас да бидам среќен, како и другите околу мене, радост да ме облее и за мене сонцето да изгрее. А сонцето изгрева секој ден и во малите нешта радост се крие, за секого има можност некаде топло гнездо да свие.
Чудата се насекаде, но ќе ги видиме само ако на Господа се надеваме и постојано ќе ги искусуваме.
Чудо е добрината која Бог преку другите ни ја покажува, но и љубовта, која некој ни ја дарува. Чуда се и прегратките кои утеха даваат, но и пријателските другарувања, кои спомени оставаат.
Чуда се песните на птиците, но и детскиот џагор по улиците.
Шарените цвеќиња во пролет се чудесна глетка и поточето кое жубори, но и гласот од Бога кога во срцето ти говори. Затоа заврти се околу себе, погледни и вкуси ја Божјата убавина, храни се и напојувај се од љубовта Христова и од Словото кое дава живот и вистина.
На Господ Исус Христос надевај се и Нему довери му се. И секој ден ќе искусуваш чуда, радост и победа, ќе си го пронајдеш твојот мир и живот во полнота и слобода.
„Ти благодарам што сум создаден толку чудесно, што се Твоите дела прекрасни. Мојата
душа тоа добро го знае“. – Псалми 139:14
Маја Јовевска

