Очевидци

Наместо во клубот Пулс отиде во Црква и се спаси и од трагедијата и од вечна смрт

16.03.2025
Денот започна сосема нормално. Отидов на работа, но во мене имаше посебна возбуда, бидејќи планирав да одам на богослужба во христијанската црква „Блага Вест“. Иако повеќе пати претходно го одложував тоа, тој ден конечно одлучив дека навистина сакам да одам. По завршувањето на работата, неколку луѓе планираа да дојдат со мене, но еден по еден се откажаа и на крајот останавме само две лица. Почнав да барам такси, но сите беа зафатени – никаде немаше слободно место. Искрено, се разочарав, бидејќи имав уште само еден час за да тргнам и да стигнам навреме. Веќе бев на работ да се откажам.

Додека одев по една еднонасочна улица, ми пријде еден човек и ме праша: „Дали го имате вашиот живот предадено на Господ Исус Христос, Тој тропа на вратата но вие сте тие кои треба да ја отворите”. Бев во шок и збунета. Во тој момент почувствував дека тоа не е случајно – кај Бог нема случајности. Му одговорив дека тој ден одам на богослужба во Христијанската црква „Блага Вест“. Тој се насмевна и ми рече: „Браво, нема да ве задржувам.“ По неколку минути ми заѕвони телефонот – тоа беше таксист кај кого штотуку се ослободило место. Бев пресреќна и возбудена.

Кога влегов на богослужбата, чувството беше неописливо. Почнаа да ми течат солзи, а ни самата не знаев зошто. Бев и пријатно изненадена од љубезноста на луѓето – сите ме пречекаа со толку многу љубов и топлина. Тој ден научив многу работи што дотогаш не ги знаев за Господ Исус Христос. Верувам дека токму тој ден бев допрена од Светиот Дух.

По завршувањето на богослужбата се вратив дома. Подоцна добив повик да одам во клубот „Пулс“. Имав желба да одам. Го земав телефонот за да им се јавам на моите другарки, но одеднаш слушнав внатрешен глас – толку чист и силен – кој ми рече: „Нема да одиш. Легни да спиеш.“ Во тој момент го послушав. Ми беше чудно, бидејќи обично секоја ноќ се будев и скролав по социјалните мрежи, но таа ноќ воопшто не се разбудив.

Утрото кога станав, пуштив песна за слава на Бог. Тогаш дознав за трагедијата во дискотеката „Пулс“. Бев преплавена од емоции, затоа што сфатив дека тој ден Господ Исус Христос ми го спаси животот и од пожарот во Пулс но и од вечна смрт, зашто Тој ден Го примив во моето срце за мој Господ и Спасител и примив спасение по Божја милост.

Од тој момент решив дека Тој ќе биде Крал на мојот живот. Мојот живот повеќе не е мој – му го предадов Нему.

Слава Му на Господ Исус Христос. ❤️

Една година претходно го гледав сведоштвото на епископот Константин Кајшаров на тикток-от на Црквата и од тој ден постојано мислев на Исус, сакав во повеќе наврати да одам на богослужба но Бог е неверојатен, Неговиот тајминг е совршен и различен од нашиот човечки.

„И ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве направи слободни.“ – Јован 8:32

Весела Митровска

Можеби ќе ви се допадне

Очевидци

Повик кој го спаси животот на мајка ми

  • 24.02.2026
Повик за помош кој никогаш нема да го заборавам, зборови кои никој не сака да ги слушне и не ги
Очевидци

Докторите и предвидуваа само уште два дена живот, но се случи нешто натприродно

  • 25.02.2026
“Ѝ останаа уште два дена живот на вашата ќерка” – овие зборови точно на полноќ како ехо одекнуваа низ празниот