“Ѝ останаа уште два дена живот на вашата ќерка” – овие зборови точно на полноќ како ехо одекнуваа низ празниот ходник на болницата, додека докторот и ја соопштуваше страотната вест на мојата мајка, која низ солзи воздивнуваше и со трепет во гласот прашуваше: “Што да правиме сега ние, каде да одиме?” Тагата и бесот станаа едно во срцето нејзино, солзите сами паѓаа, но не сакаше јас да го видам тоа за да не се исплашам.
Додека лелекаше во ходникот, јас лежејќи на болничкиот кревет кој веќе една недела беше моја несакана дестинација, слушајќи ги тие зборови срцето почна забрзано да ми чука, како филмска лента ми се навратија сите моменти од мојот живот, детство, семејство…измешани мисли. Но тука дојде и прашањето: “Зарем толку е мојот живот? Не, ова не е можно!”. Во тој момент почувствував како ладна пот ја облеа мојата глава, тука сум, а како да не сум, многу работи недовршени, многу желби неостварени, толку многу зборови недокажани… Телото веќе како да беше уморно, а јас во тој момент само ја кренав главата нагоре и гледајќи во таванот на болничката соба реков: “Господе Исусе Христе, само Ти ми остана, знам дека Ти си со мене, мојот живот е во Твои раце”!
Сѐ започна во последниот ден на месец Октомври, кога паднав во бесознание во мојот дом, сама со две годишно дете, едвај успеав да го дофатам телефонот, се јавив кај сопругот и тој веднаш дојде, а со него и возилото на брза помош кое веднаш ме пренесе во болница. Пулсот слаб, кожата бледа, а срцето дури и не го слушав како чука. Докторите дојдоа, испитувањата започнаа, а сето тоа беше само почеток на најпеколната седмица во мојот живот. Помодрени раце од инфузии, непроспиени ноќи, неизвесност, болки по телото и непрекинато крварење, секој ден – ново одделение, никој не знае точно да каже што ми се случува, нејасно е сѐ. Докторите кренаа раце од мене, но само Еден ја стави Својата рака врз мене и никогаш не ме напушти, а тоа е Господ Исус Христос. Додека траеше сета таа болка и агонија, постојано ја имав поддршката од мојата Црква – Христијанска Црква Блага Вест во РМ, од верниците кои се молеа за мене, а особено од Епископите Константин и Милена Кајшаров кои во ниту еден момент не ме оставија сама, постојано се молеа за мене и ме охрабруваа да останам цврста и стабилна во верата во Христа, за кое сум неизмерно благодарна.
Во тие моменти ми се наметнуваше чувството на безизлезност, да ја прифатам состојбата таква каква што е, но во моето срце гореше таа искра надеж дека мојот живот не завршува на болничкиот кревет, туку дека ќе живеам за Христос, за Нему да Му служам!
После низа макотрпни испитувања, таа ноќ, еден од докторите рече: “Ова ќе ти биде последно испитување, веќе не знаеме што да правиме.” Додека ме боцкаа со иглите, како да ми ја земаа и последната капка крв што остана, но во тој момент не мислев на ништо друго, освен на фактот дека Господ Исус Христос ме сака, дека сум скапоцена во Неговите очи и дека Тој го има последниот збор. За кратко време дојдоа резултатите, а на нив со големи букви пишуваше: “ВОНМАТЕРИЧНА БРЕМЕНОСТ, КРАЕН СТАДИУМ, ПОТРЕБНА Е ИТНА ИНТЕРВЕНЦИЈА”!
Целиот персонал остана во шок, најблиските во неверување, а јас само ја кренав раката и реков: “Не, јас нема да умрам, туку ќе живеам и ќе ги објавувам делата Господови”! Сите плачеа и ме гледаа со чудење, како да сакаа да се збогуваат со мене и во тој момент си помислив: “Зарем не знаат дека Господ Исус Христос е над сѐ и дека Тој ќе ме избави од оваа состојба?”
Помина таа вечер, а утрото беше на прагот. Состојбата алармантна, потребна е хируршка интервенција, но немаше кој да го направи тоа, бидејќи исходот беше непознат. Додека се бараше решение, јас само Му благодарев на Бога што ме чува, Словото Божјо беше во моето срце и на моите усни, ги објавував Божјите ветувања кои се Да и Амин за мене, го практикував сето она што значи Живо Христијанство, а за кое Епископ Константин не поучува сите нас верниците од Црквата Блага Вест – како да ја живееме верата во Христос и истата да ја манифестираме во практика.
Околу мене беше хаос, а во мене мир, за другите чудно, но за мене реално. За кратко време во болницата дојде еден доктор кој соопшти дека ќе ме оперира, но неговиот исказ гласеше: “Не гарантирам ништо, или ќе остане жива или нема да остане, едноставно незнам. Поздравете се со неа, за секој случај”. Најблиските плачеа, беа спремни за најлошиот исход, но јас само се насмевнав и им реков: “Се гледаме за половина час, Господ е со мене, знам дека ни влакно од главата нема да ми фали, Тој ме чува!” Кога го кажав тоа, го почувствував Божјото присуство во моето битие, сила ме преплави и слушнав глас: “Моето Име ќе го прославиш, за Мене ќе сведочиш, никакво зло нема да те стигне, имај вера во Мене.” Тивко воздивнав и ме однесоа во операционата сала. Точно после половина час, докторот кој претходно беше во неверување, излегол во ходникот и рекол: “Жива е, незнам како, но жива е!” После тоа, ме донесоа во соба, а медицинските сестри само ме гледаа со чудење и една на друга си велеа: “Навистина, жива е, ова е чудо.”
Тоа беше моментот кога гласно кажав во Кого верувам, Кој ми го спаси животот, посведочив за Господ Исус Христос дека е мој Господ и Спасител и дека само преку Него секој човек може да живее благословен живот, со вера и надеж во Него.
Овојпат, најблиските плачеа од радост, благодарни што Бог ме сочува од смрт и ми даде нов живот за Него да Го прославам и да Му служам сѐ додека дишам и постојам.
Поминаа девет години од оваа случка, но она кое што во моето срце остана како печат е фактот дека Господ Исус Христос е Жив и дека од секоја ситуација излегувам повеќе од победник преку Него, зошто многу ме возљуби!
Јулијана Спироска

