Секоја рана било физичка, било душевна боли, некоја повеќе, некоја помалку, па дури и најмала
исекотина боли. Но дали може да замислите колку болат 39 рани, здобиени во ист момент, рани длабоки од кои месото ти се откинува. Но љубовта е посилна од болката, љубовта дава сила да се издржат дури и најболните нешта, и најголеми страдања и агонии.
И само преку љубовта можеме да ја разбереме жртвата што нашиот Господ Исус Христос ја направи за сите нас. И таа жртва, тоа
страдање на Исус започна со камшикување, продолжи со ставање на трнлив венец на Неговата глава и ковање на клинци во Неговите раце и нозе, а заврши со распнување на крст како најголем
злосторник заедно со двајца разбојници, пред неговата мајка која сето тоа го гледаше.
И тука се поставува прашањето: Дали сме свесни која цена ја плати Исус за нас и колку многу
страдаше за секој еден од нас, за да не умреме туку да живееме вечен живот?
Колку камшици доби Исус?
Во времето во кое живеел Исус, камшикувањето бил еден начин да се казнат злосторниците. Пилат знаел дека Исус е невин, затоа не сакал да Го предаде Исус на смрт, туку само на дисциплинско казнување (Лука 23:16). Според описот во Евангелијата, Исус бил казнет со Римско камшикување кое било толку ужасно што многу луѓе умирале уште пред да стигнат до распнување. Било општо прифатено дека една личност не можела да преживее повеќе од 40 камшици. Во Еврејскиот закон постоела граница до 40 камшикувања и оние кои го изведувале камшикувањето, престанувале на 39-от удар.
Но Римјаните немале таква граница. Честопати камшикувањето не престанувало се додека телото не почнало да виси на крвави парчиња. Римското камшикување вообичаено било со две или три жици испреплетени со делчиња на коски и метал кои откинувале парчиња месо од телото. Се уште постои дебата во врска со типот на камшик што бил користен при Исусовото камшикување. Според некои, тој бил камшикуван 13 пати со 3-жичан бодликав римски бич, што е еднакво на 39 посебни удари.
Други сметаат дека е деветореден камшик направен од девет одделни реси со остри метални врвови за да се зголеми агонијата. Апостол Павле кажал дека бил камшикуван 5 пати со по 39 удари, но во Библијата не е напишан точниот број на камшици кои Исус ги добил.
Според Римскиот закон камшикување и распнување не оделе заедно како казна – осудените или биле казнети само со камшикување со максимален број на 40 удари, или пак биле осудени на распнување.
Но Исус ги добил и двете казни – бил и камшикуван и распнат.
За секоја болест, Исус доби рана и обезбеди исцелување!
Интересно е што во медицината постојат токму 39 суперкатегории на заболувања. Затоа, не е
случајно што Исус претрпе токму 39 бичувања. Секое камшикување означувало една од овие 39
категории за да бидеме целосно исцелени преку Неговите рани. Смртта на Исус обезбеди целосно
исцелување за секоја категорија на болест на оние кои ќе поверуваат и тоа е пишано во Светото
Писмо.
„Казната за нашиот мир падна врз Него, преку Неговите рани ние се исцеливме.“
Исаија 53:5
„Раните“ кои тука се напишани, се всушност раните од камшиците кои Исус ги доби.

