Духовна аптека

Масовни исчезнувања ќе ја потресат планетата: Светот ќе бара одговори

Низ човечката историја се случувало некои луѓе да исчезнуваат од површината на земјата, и тоа не е нешто измислено туку навистина се случувало. Еден од тие луѓе што исчезнал бил Енох кој верувал во Бог и затоа не доживеал смрт туку одеднаш тој исчезнал бидејќи Бог го зел, но пред Бог да го земе, Енох добил уверување дека Му бил угоден на Бог.

И за тоа има потврда во Светото Писмо:

„Енох имаше вера во Бог и затоа не доживеа смрт: „одеднаш тој исчезна, бидејќи Бог го зеде“. Но пред Бог да го земе, Енох доби уверување дека му беше угоден на Бог.А без вера не е можно да Му бидеме угодни на Бог.Секој што сака да дојде кај Бог, мора да верува дека Тој постои и дека ги наградува оние што искрено Го бараат.” – Евреи 11:5-7.

Другиот кој исчезнал бил пророкот Илија кого Бог го вознесол на небото во виор додека одел и разговарал со својот ученик и наследник Елисеј:

И додека така одеа и разговараа, ете: огнена кола и огнени коњи се јавија; ги раздвоија двајцата и го однесе Илија во виор на небо. – 2 Цареви 2:11

Уметничка визуализација на библискиот момент на грабнувањето на пророкот Илија

Но што е тоа што ќе се случи наскоро на земјата?

Гледајќи ги знаците кои се опишани како знаци на последните времиња и пророштвата кажани во Светото Писмо, планетата земја не ја очекува светла иднина, иако многумина веруваат во спротивното кое се пласира како добро осмислен маркетинг во медиумите, дека на земјата ќе се воспостави ред и мир. Но нема да биде така. Земјата ја очекува невреме односно неволји, големо страдање и пекол какви што не се паметат од постоењето, какви што досега немало и нема да има. Тоа ќе биде најголемото страдање во историја на човештвото.

Во Библијата овој период е опишан како седум години на неволја кога ќе се појави антихристот кој ќе биде претставен како миротворец, веројатно како политичка фигура, ќе се издигне на власт и ќе ги заведе сите да му поверуваат, и на три и пол години од овој период ќе влезе во третиот храм, ќе седне на престолот и ќе се прогласи себеси за Бог. И тогаш ќе ја земе сета власт и ќе ја спроведе на земјата и ќе прави многу поголема штета од било кој диктатор кој досега владеел и ќе се случи хаос и големо страдање. За времето на овој период на неволји, Бог ќе го излее својот гнев на земјата и тоа ќе биде ужасно време на болка и страдање.

Но пред овој период на неволји, ќе се случи нешто друго – ќе ги снема христијаните од земјата. Замислете одеднаш, во еден миг на земјата повеќе нема да има христијани. Нема да има христијански проповедници, адвокати, лекари и сл. Кои се тие луѓе? Тоа се луѓе кои се чесни, послушни, луѓе кои ги почитуваат законот и власта, кои плаќаат даноци, кои се мирољубиви, семејни луѓе коишто промовираат морални и духовни вредности. Во еден миг тие луѓе ќе ги снема. Црквите ќе бидат празни, ќе нема кој да свети со Христовата светлина, ќе останат само оние луѓе коишто не поверувале во Христос и ќе настане тотално безредие и хаос.

Но христијаните нема да бидат грабнати или киднапирани од вонземјани како што ќе се обидуваат светските манипулатори да го прикажат она што ќе се случи, а е запишано во Библијата, туку ќе бидат грабнати од Господ Исус Христос Кој ќе дојде наскоро да ги земе сите верници. Без разлика дали верникот е телесен или духовен, посветен многу или непосветен, штом е новороден ќе биде грабнат и ќе доживее преобразба на физичкото тело. Верниците веќе нема да ги имаат истите смртни тела кои се подложни на болести, туку ќе имаат нераспадливи тела слични како Христос и ќе можат да јадат, пијат, да искусуваат допир и нема да бидат духови, исто како што Исус откако воскресна кога им се појавуваше на учениците седеше и јадеше со нив.

Доаѓањето на Господ ќе биде во миг на трепкање на окото и ненадејно како крадец во ноќта и никој нема да Го види освен верниците. Тој ќе дојде со цел да ја грабне Црквата, но не православната, не католичката, не црквата како тврда градба или институција туку Христовата Црква или Невеста која ја сочинуваат луѓе верници – новородени христијани кои веруваат во Господ Исус Христос и Го примиле за свој Господ и Спасител. Значи грабнувањето ќе биде само за верниците и може да се случи во секој миг.

Уметничка визуализација на библискиот момент на грабнувањето

Кога Исус ќе слезе од небото и ќе дојде да ги грабне верниците, Неговите нозе нема да стапнат на земјата туку Тој ќе се појави во облаците, во воздухот и прво ќе воскреснат мртвите што верувале во Христос, а потоа верниците ќе бидат грабнати заедно со нив на облаците според Библијата. И дури потоа ќе се случат големите неволји на земјата во времето на антихристот, но Црквата нема да е присутна додека траат тие неволји, зашто кој Татко би дозволил своето дете да страда. Па така, како што Ное поради својата вера бил оправдан во Божјите очи и Бог го спасил од потопот предупредувајќи го за она што сеуште не се беше случило и тој изградил ковчег и се спасил и себеси и своето семејство додека светот бил осуден и потопен, така и секој што верува во Христос станува Божја праведност, а Исус ќе дојде да си ги земе токму праведните, верниците.

Од што зависи дали некој ќе биде грабнат или ќе биде оставен на земјата и ќе искуси големо страдање и пропаст? – Зависи само од тоа дали човекот верува во Господ Исус Христос или не. Бидејќи човек ако Го нема Христос, нема измивање и оправдание за гревовите, бидејќи тој нема своја праведност и е виновен и ќе заврши во пеколот. Но кога човек Го прима Исус Христос за свој Господ и Спасител, ја прима и Божјата праведност и прошка за гревовите и прима спасение.

Но во тој период на неволји ќе има и многу луѓе кои нема да бидат грабнати, но тогаш ќе поверуваат во Исус и ќе станат христијани но во многу лошо време. Тие ќе бидат принудувани да го примат жигот на ѕверот без кој не ќе може веќе да купуваат, продаваат, ниту функционираат, меѓутоа нема да сакаат и верата во Господа ќе треба да ја докажаат со одредена казна како обезглавување и убивање. После големите неволји, Исус повторно ќе дојде на земјата но овој пат заедно со Црквата и тоа во Библијата се среќава како Господовиот ден или второто доаѓање на Исус кога секое око ќе го види и Неговите нозе ќе се спуштат на Маслиновата гора. И кога ќе дојде ќе го сотре ѓаволот, антихристот и сѐ што е зло, и ќе го воспостави Своето Царство, милениумското царство на земјата и сѐ ќе биде под Божјо управување.

Секој што верува во Христос без разлика во какви времиња живееме, што се случува во светот, е повикан да ја има блажената надеж односно да биде во радосно очекување на славното јавување и враќање на Господ Исус Христос. А секој што не верува, да не чека повеќе ниту миг зашто доаѓањето на Господ Исус Христос по верниците може да се случи во секој миг, туку да се обрати кон Христос за да биде грабнат заедно со целата Христова Црква.

Користен материјал: од Богослужбите „Харпазо“ и „Што ќе се случи“ од Епископ Константин Кајшаров

Маја Димитријевиќ

Можеби ќе ви се допадне

Духовна аптека

Биди сонце што не згаснува

  • 24.02.2026
Денот е посветол кога не ги паметиш лошите мигови и си простил на туѓата неспособност да те љубат и прифатат.
Духовна аптека

Без љубов животот нема смисла 

  • 24.02.2026
Како што поминуваат годините, деновите гледаме дека љубовта меѓу луѓето оладува и затоа многумина се разболуваат. Човек без љубов е