Живеев живот за кој мислев дека е многу убав. Имав многу пријатели, друштво за излегување, за забави. Имав можност да патувам, да посетувам многу убави места, да престојувам во прекрасни летувалишта. Недостатокот од семејна реализација ја заменував со патувања, читање на книги, истражување на различни работи, за да се уверам самата себе дека тоа ми е доволно.
Но еден ден се скрши нешто во мене, ме преплави тага, осаменост, отфрленост, страв. Чуствував празнина како нешто да недостасува во мене, како нешто да сум изгубила… Беше само празнина и темнина.
Патувањата веќе не ме исполнуваа, при секое враќање дома срцето ми плачеше што се враќам во празен дом. Се чуствував многу тажно, тешко, празно, убавината од патувањата исчезнуваше, а ми одѕвонуваа зборови : пак си сама, сама ќе останеш, тоа е твојата судбина, помина твоето време, стара си и веќе нема можност за брак, сама си….
Потоа дојде стравот, страв кој беше неподнослив, не можев да дишам, крвта ми се смрзнуваше. Навечер ме будеа силни звуци, слушав чекори пред мојата врата. Се смрзнував од страв, немав глас да викам и само чекав да се раздени.
Се создаде голема празнина во мојот живот. Празнина како бунар што не можев да ја пополнам со ништо. А се обидував, се обидував на мој начин таа неподнослива празнина да ја пополнам. Но не можев. Се почести беа ноќите во кои плачев, се самосожалував,се обвинував себе си, ги обвинував другите, се чуствував бедно, нереализирано, се лутев на Бога што ме заборавил…
Гордоста не ми дозволуваше тоа да го споделам со најблиските, па си ја ставав маската за да покажувам радосна личност пред светот.
Помош почнав да барам во New Age книгите. Мислев со позитивни мисли и зборови сета таа празнина во мене ќе ја снема. И да, успеваше, но само за кратко време. Секоја нова книга што ќе ја прочитав си викав: ова е вистинската, тука е решението за мојата празнина. Но беше само лажна надеж која ја снемуваше како балон од сапуница. Само со моите позитивни мисли не можев да ја сменам сликата во која живеев па така на ред дојдоа бајачките и амајлиите, водичките што ми ги даваа.
Следно беше уредување на домот со разни предмети, предмети од Фенг шуи за кои мислев дека ќе ми го вратат мирот и ќе ми донесат среќа, радост, мир, сопруг, семејство.
Но ништо од тоа не помогна, се беше привремено и лажно. Место помош, празнината, осаменоста и тагата беа уште поголеми. Почнав да мислам за себе дека за ништо не ме бива, да ја гледам таа слика за неуспешен живот, слика дека заради мојата неспособност не сум ја препознала шансата која ми била дадена.
И така беше се додека не отидов на едно место каде што се зборуваше за Господ Исус Христос. Не дека до тогаш не знаев за Господ, но тогаш прв пат слушнав дека Тој е навистина жив, дека чудата што ги правел во минатото ги прави и денес, прв пат слушнав за Неговата милост,дека заради делото извршено на крстот простени ми се сите гревови. Срцето ми затрепери кога слушнав дека Бог ме сака, Создателот на светот дека баш мене ме сака. Дека сум дијамант во неговите очи.Тоа е чуство што не се заборава и ти дава сила да живееш и да креираш нова поубава слика за себе.
Сето тоа го слушнав од Константин Кајшаров. Секој негов збор за Исус, за Неговото дело пулсираше во моето срце. Ме поведе во молитва да Го примам Исус за мој Господ и Спасител.
Кога си дојдов дома се беше поинаку, се беше ново за мене. Веста за Исус ме исполни со љубов и тогаш клекнав, плачев, и повикав по Господово Име. Тој ме слушна и ми подаде рака, ме извлече од тагата, од стравот, од осаменоста.
Сега живеам живот победнички што ми го дава Исус и ќе кажам само:
Фала Ти Господе Исусе Христе што си мој Господ и мој најдобар пријател.
По милост на Бога одам во Црквата Блага Вест и мои пастори се Константин и Милена Кајшаров. Секој ден Му благодарам на Бога што ги донесе во мојот живот и преку нив осознав што значи да живееш живо христојанство, живот со вера и надеж во Христос, ме потикнаа да читам Библија и од неа да се здобивам со мудрост и знање, со поуки кои се поскапоцени од злато и послатки од мед. И секогаш кога читам од Словото Божјо, се повеќе Го запознавам Бога и се восхитувам на Неговата љубов и милост што ја има за нас. Бог има одговор за секое прашање и решение за секој проблем.
Во организација на пасторите Константин и Милена, бев и во Израел, во водите на реката Јордан бев водно крстена, на самото место каде што Исус беше крстен. Тоа за мене беше духовно патување од кое се вратив како новородена личност.
Сликата што ја имав за мене како осамена, заборавена, нереализирана личност, ја заменив со нова слика. Слика што Исус јс имаше за мене уште од почетокот. Сега живеам како победник преку Христос. Бог направи чудо во мојот живот, покажа дека е над се, дека се што е невозможно за нас за Него е возможно, дека за Него нема граници и години , па така на 50 години ме благослови со брак, да бидам сопруга, да бидам алатка во Неговите раце за преобразба на мојот сопруг за заедно да чекориме по Патот што Тој го постави за нас, да биде кормило на нашиот живот, на работата, да живееме живот во изобилие како што им прилега на децата Господови.
Што да кажам уште, дека е прекрасно да бидеш Божјо дете, да живееш во Светлина и радоста да ти доаѓа од Господа.
Најдобриот избор што го направив е да бидам дел од Божјото семејство, да бидам дел од жива Црква водена од Светиот Дух и да имам пастори што се грижат за мене.
Варвара Спасев

