Духовна аптека

Новиот живот започнува со ново срце

Кога некому му е потребна физичка трансплантација на срце, тоа значи дека човекот се наоѓа во тешка живото-загрозувачка ситуација. Неговото срце откажува и тој човек набрзо ќе умре.
Но, постои надеж, а тоа е можноста за ново срце. Сепак, за да се добие ново срце, неопходен е добар и способен хирург. Уште поважно, за да живее таа личност, некој друг мора да умре. Слабото срце, потоа се заменува со силно и здраво срце и таквиот човек повторно може да има квалитетен живот.

На ист начин, кога некому му е потребна духовна трансплантација на срце, тоа значи дека тој човек се наоѓа во една навистина исклучително сериозна состојба. Срцето му откажува и таа личност набрзо духовно ќе умре.
Но, постои надеж – можноста за ново срце. И во овој случај, за да добие човекот духовно ново срце, неопходен е добар и способен хирург. И повторно, за да живее таа личност, некој друг мора да умре. Само тогаш нефункционалното срце може да се замени со силно и здраво срце и тој човек може да се очекува вечен живот.

Бог преку Светото Писмо нѝ даде вакво ветување:

„Ќе ви дадам ново срце, и ќе вдахнам нов дух во вас! Ќе го извадам каменото срце од вашето тело и ќе ви дадам срце од месо.“ – Езекиел 36:26

Бог е наш хирург, а Исус го даде својот живот за нашиот. Тој ги зеде нашите гревови и ја прими казната наместо нас, за да ни обезбеди помирување со Бог Отецот и живот во благодат и изобилие. Но, за да го примиме животот во изобилие што Тој нѝ го дава, мора понизно да побараме помош од Него. Мора да Му дозволиме да нѝ направи операција на срцето. Мора да се откажеме од она, што во нас е болно и умира и со најголема доверба да Му го предадеме својот живот.

Можеби она што треба да умре е некоја грешна навика, што влијае погубно на нашиот живот. Можеби тоа е зависност од цигари, дрога, лажење, порнографија, мастурбација, можеби е некоја нездрава врска со личност која не верува во Бога или вина и жалење за нашето минато. Можеби тоа е став на гордост или несигурност.

Што и да е, Исус сака да ги земе скршените, слабите, болните и испуканите делови од нашето тело и да ги замени, правејќи од нас сосема ново создание. На Бог Му е особено важно да создаде во нас нови срца.

Ако сме решени да дозволиме Бог да го замени нашето скаменето срце со ново, човечко срце, тогаш треба да се запрашаме:

„Дали навистина во потполност Му верувам на Исус? Дали навистина сакам да Му дозволам да ми го „оперира” срцето и да ми даде нов живот?“

Ова е најважната одлука што треба да ја донесеме, бидејќи од духовен аспект, срцето, а не мозокот е најважниот орган во нашето тело.

За срцето е пишано: 

„А над сè чувај го своето срце, зашто животот извира од него“ – Пословици 4:22

Затоа, да Му дозволиме на Исус да се зацари во нашето срце, нека тоа биде Негов трон и оттаму Тој да управува со сиот наш живот.

Впрочем, и апостолот Павле тоа ни го порачува преку Светото Писмо:

„Христос, преку вера, да се всели во вашите срца. Да пуштите корени и цврсто да се закрепите во Божјата љубов.“ – Ефесјаните 3:17

Да не се премислуваме многу. Знаеме дека Исус е нашиот најдобар Пријател, бидејќи животот си го даде за нас.

Душанка Петрова

Можеби ќе ви се допадне

Духовна аптека

Биди сонце што не згаснува

  • 24.02.2026
Денот е посветол кога не ги паметиш лошите мигови и си простил на туѓата неспособност да те љубат и прифатат.
Духовна аптека

Без љубов животот нема смисла 

  • 24.02.2026
Како што поминуваат годините, деновите гледаме дека љубовта меѓу луѓето оладува и затоа многумина се разболуваат. Човек без љубов е