Педесетница е еден од најсветлите празници за христијаните и затоа овој ден со радост се прославува. На педесетиот ден од Христовото воскресение, Светиот Дух се спуштил врз апостолите. Старозаветните пророштва се исполниле, ветувањата кои Господ Исус Христос ги дал, се оствариле.
На денот Педесетница во една куќа собрани, седеле сите апостоли. Одненадеж силен шум, како ветер завиорил и целата куќа ја исполнил. Се спуштиле врз нив, како од оган јазици одвоени и секој од нив се исполнил со Духот Свети. Зборувале на различни јазици , а мнозина кои биле надвор и ја слушнале бучавата се збуниле. Секој го слушал јазикот од својот крај, а ги имало многу на број. Некои се потсмевале и велеле дека апостолите се опиле.
Но тогаш Петар станал, заедно со другите апостоли и на народот му се обратил. Им кажал дека тие не се пијани, туку претскажаното од пророкот Јоил се исполнило:
„Во последните денови – вели Бог, ќе излеам од мојот Дух врз сите луѓе, па ќе пророкуваат синовите и ќерките ваши, момчињата ќе имаат виденија, а старците ќе сонуваат соништа. Во тие денови ќе излеам од Мојот Дух врз сите мои слуги и слугинки, и тие ќе пророкуваат. Ќе правам чуда горе на небесата и видливи докази долу на Земјата – крв и оган и столбови од чад. Сонцето ќе поцрни, а месечината ќе се вцрви како крв, пред да дојде тој голем и славен Господов ден. Тогаш секој што ќе го повика името Господово ќе биде спасен.“ – Дела Ап. 2:17-21
Потоа Петар им кажал за Исус, дека откако Бог го воскреснал, бил вознесен и поставен од десната страна на Бог. А кога го примил Светиот Дух, што Небесниот Татко Му го ветил, Тој врз секој од нив го излеал и сите присутни тоа го виделе и слушнале. Па тоа што го слушнале, луѓето до срце ги прободело, и им рекле на Петар и на другите апостоли: – Луѓе, браќа што да правиме?
А Петар им одговорил, дека секој треба да се покае, да се крсти во Името на Исус Христос, за да им бидат простени гревовите. И дека потоа ќе им биде подарен Духот Свети и сите духовни дарби. И во тој ден околу три илјади души искрено неговите зборови ги прифатиле, апостолите на нив раце положиле и се крстле, а потоа се приклучиле кон христијаните. Заедно се здружиле, се молеле и сè што имале си споделувале. Во храмот се собирале и организирале Господова спомен вечера. Оделе по домовите и храната со радосно и чисто срце ја делеле. Бога заедно го славеле, а новоспасените души се множеле. Па и тие на другите луѓе раце положувале и сè до денес многу луѓе во Светиот Дух се крстиле.
Светиот Дух е Утешителот, Тој му дава водство на човекот. Негов Учител е во Словото, преку Него човековото срце е постојано и со Божјата љубов исполнето. Светиот Дух на христијаните им е потребен, за да имаат сила за Христос да сведочат, во верата во него да останат и воскреснат живот да живеат.
Користен извор: Светото Писмо, Дела Aп. 2
Подготви: Маја Јовевска

