Господ секогаш наоѓа начини да ги допре и најскептичните умови на времето во кое живееме, дури и кога постојано се наметнуваат аргументи против верата. Едно од најсилните современи сведоштва за оваа вистина е преобраќањето на д-р Лери Сангер, соосновачот на Википедија и доктор по филозофија. Човекот кој го посвети својот живот на организирање на човечкото знаење, по 35 години поминати во агностицизам, ја пронајде eдинствената Вистина – Исус Христос. Неговото сведоштво, објавено под насловот “Како еден скептичен филозоф станува христијанин“, не е плод на минлив емотивен занес. Самиот Сенгер ја појаснува својата почетна позиција со зборовите:
„Поминав повеќе од 35 години како неверник. Нема да се обидам да се прикажам себеси како преобратен непријател на верата. Никогаш не бев тоа, бев едноставно скептик.“
Ова негово сведоштво покажува дека интелектот не е непријател на верата, туку патека која, кога се оди со чисто срце, води право до Бога.
Иако Сенгер со децении се потпирал исклучиво на филозофскиот разум, Бог почнал да го омекнува неговото срце преку семејството. Клучен фактор на овој пат била неговата сопруга, која израснала во христијанско семејство, но во еден период од животот се оддалечила од активната практика на верата. Како што нивната врска и брак созревале, таа почнала повторно да се враќа кон своите христијански корени, што за Сaнгер значело постојано и блиско соочување со убавината на живата вера во сопствениот дом. Дополнителен пресврт се случил кога тие станале родители.
Соочувајќи се со одговорноста да ги воспитуваат своите два сина, Сaнгер сфатил дека на децата им е потребен цврст морален и духовен темел кој секуларниот свет едноставно не може да го понуди. Љубовта кон сопругата и децата создала плодна почва, отворајќи го неговиот ум за прашањата кои претходно ги отфрлал како неважни.
Во 2020 година, патот на Сaнгер преминува во следна фаза, кога си поставил предизвик да ја прочита целата Библија за околу 100 дена. Како филозоф обучен да бара противречности, Сaнгер очекувал да најде неразбирлив и неповрзан текст. Но наместо тоа, тој се соочил со неверојатна кохерентност, историска длабочина и морална убавина која почнала да ги урива неговите претпоставки.
Ова не потсетува на зборовите од Посланието до Евреите:
„Божјата порака е жива и делотворна, поостра и од најостриот меч со две сечила. Таа се пробива длабоко во нас, до нашите најдлабоки мисли и намери, соголувајќи ги и душата и духот во нас. Таа не разоткрива точно онакви какви што навистина сме.“ – Евреите 4:12

Извор на слика: TheFP
Дури и кога се пристапува кон Библијата со скептицизам, нејзината божествена светлина има моќ да го пробие и најтврдиот оклоп на сомнежот. Како што самиот пишува, неговото преобраќање се случило “тивко и неудобно”, уривајќи ги едно по едно неговите претходни убедувања.
Набљудувајќи ги длабоките морални кризи во современиот свет, неговиот агностицизам веќе немал одговори. Тој сфатил дека разумот, оставен сам на себе, не може да ги објасни духовните реалности. Потребни биле понизност и признавање на сопствените ограничувања за овој соосновач на Википедија да го прифати Христа.
Сaнгер отворено сведочи:
„Јас секако, на крајот, успеав подобро да ја проценам сопствената грешност и зошто една од нашите најдлабоки обврски е да му бидеме благодарни на Бога што нe посвои во своето семејство и ни ги прости нашите многубројни гревови.“
Сaнгер ја открил суштината на христијанскиот живот, која денес редовно ја практикува заедно со своето семејство. Тоа се открива од неговите зборови:
„Интензивно сум свесен за Бог во мојот живот. Редовно му благодарам и го славам. Ги исповедам гревовите и се каам за нив. Она што значи да се биде христијанин, можеби најсуштински е длабоко да прифатиме дека Тој е наш Господ и Господар“.
Преобраќањето на Сангер го доживеа својот формален печат со неговото приклучување кон духовно семејство. Привлечен од убавината на славењето и сериозниот пристап кон верата, тој пронајде духовен дом и мир. Неговата приказна носи охрабрување. Таа не учи дека секој, кој со срцето ќе поверува и со устата ќе исповеда дека Исус Христос е Господ, ќе биде спасен. Господ бара само искрено срце кое е подготвено да ја прими Вистината. Како христијани, повикани сме да се молиме за луѓето како Ларри Сенгер, кои го користат својот јавен глас за да сведочат за Исус Христос во едно време, во кое љубовта оладува, а вредностите се искривени. Неговото патување е уште еден доказ дека на крајот од секое искрено трагање по суштината на постоењето, не чека Оној, Кој рече:
„Јас сум Патот, и Вистината, и Животот. Никој не доаѓа при Татко Ми, освен преку Мене“. – Јован 14:6
„Содржината е базирана на јавно достапни онлајн информации, со авторска обработка и интерпретација“
Подготви: Maja Јовевска

