Колку е голема благонаклонетоста и милоста на нашиот Господ Исус Христос и колку е голема привилегијата Тој да те избере и да ти стави печат во срцето дека си Негово дете.
Премногу сум благодарна што Го запознав Него, а Христовите зборови кои даваат живот првпат ги слушнав од моите духовни родители, Константин и Милена Кајшаров. Тие се Пастори во Христијанската црква „Блага Вест“, каде што ме учат како да чекорам по Божјиот пат, надевајќи се и потпирајќи се единствено на Бога.
Откако во мојот живот Го имам мојот најдобар пријател и исцелител – Исус Христос, и откако заедно со Него чекорам по тесниот пат, живеам благословен живот.
Јас сум личност која при раѓањето не зборуваше и не одеше. Имав детска церебрална парализа, но преку пожртвуваноста, љубовта и огромните напори на моите родители, Наташа и Мишо Христовски, Бог делуваше во мојот живот. Иако тогаш не Го познаваа вистински Господ, Тој ги употреби како Свои инструменти за од мене да направи личност која денес оди, зборува, самостојна е, заврши факултет и магистрираше.
Откако сум дел од Христијанската црква „Блага Вест“ и откако Го имам мојот најдобар пријател Исус Христос, секојдневно сè повеќе Го запознавам преку читањето на Библијата и преку богослужбите што ги води Пастор Константин Кајшаров. Навистина живеам под Божји благослов во секој аспект од мојот живот.
Денес сум мажена жена. Со мојот сопруг Горан се запознавме во црквата каде што и двајцата сме дел од Христовото тело. За нашето запознавање и зближување, Господ го употреби како инструмент нашиот духовен татко, Константин Кајшаров. Тој прв препозна дека Горан и јас си одговараме во секој аспект. Кога тоа ни го сподели, направивме чекор на вера и целосно се препуштивме во Божјите раце, дозволувајќи Му на Господ да нè води. Нашата врска ја крунисавме со брак пред Бога и пред законот.
Потоа Господ веднаш нè благослови со нашата прва ќерка, Доротеа, која е совршено здрава. По една година повторно нè благослови со уште една ќерка Теодора, која исто така е совршено здрава.
Навистина, кога Го познаваш Господ Исус Христос и кога си дел од Христовото тело, живееш благословен живот. Јас сум совршено исцелена, имам благословен брак кој се темели на Христос и на христијанските библиски принципи, како и два прекрасни Божји благослови кои ни го разубавуваат секој ден. Тие се дар од Бога и најнапред Му припаѓаат Нему, а потоа нам.
Јас и мојот сопруг сме сведоци на Божји чуда секој ден. Прекрасно е кога живееш под Божји благослов и Божјо водство. Слава Му на Господ Исус Христос! Сè е од Него, преку Него и за Него. Нека Тој се прослави во нашите животи!
Верица Поповски

