Еден од најубавите благослови во зрелите години е кога жените и мажите се реализираат како баба, или дедо. Тие кои веќе имаат искуство велат дека тоа е можност повторно да се оживеат спомените на родителството, но ослободени од секојдневниот стрес и грижи, кои мајките и татковците ги имаат.
Во свет во кој се бележи брз раст на технологијата и преовладува хаосот, не треба да се занемари улогата која бабите и дедовците ја имаат во животот на своите внуци. Тие покрај грижата и чувањето, имаат голем придонес и во нивното воспитување. Додека родителите се растргнати помеѓу работата и секојдневните обврски, бабите и дедовците се чини дека го имаат сето време на овој свет, кое трпеливо им го посветуваат на своите внуци. Децата од малечки го формираат својот карактер и затоа е важно од своите баба и дедо да научат неколку корисни нешта, за да се изградат во морални и чесни личности.
1. Вистински животни приказни
Постарите лица имаат животно искуство и се нашле во многу ситуации, во кои доживеале и подеми и падови, искусиле и успеси и неуспеси. Затоа поминатото искуство е убаво да се сподели со внуците, а тоа ќе им биде важна лекција, која ќе им помогне во животот.
2. Споделување на верата и заеднички молитви
Уште додека се внуците мали, читањето на библиски приказни и запознавањето со верата во Господ Исус Христос можат да бидат пресудни за нивниот духовен развој. Заедничките мигови во молитва им помагаат на децата да научат да имаат благодарно срце и да се доверуваат на Бог.
3. Изразување на нежност и безусловна љубов
Децата имаат потреба од љубов, топла прегратка, да бидат слушнати и прифатени. Можеби во светот ќе доживеат разочарување и отфрленост, но тука се и бабите и дедовците, кои покрај родителите, безусловно ќе ги сакаат и разберат. Тоа им носи емоционална сигурност, која е темел за нивниот иден развој.
4. Учење на дисциплина и доблесно однесување
Да се биде баба, или дедо не значи дека на внуците треба да им се дозволи несоодветно однесување. Преку поставеноста со авторитет и заедничкото читање Библија, децата ќе научат да го разликуваат доброто од злото, но и да ги усовршуваат доблестите, како што се почит, скромност, милосрдие и простување.
5. Споделување на семејната историја
Децата секогаш со интерес ги слушаат приказните за нивното потекло. Преку стари фотографии, вистинити животни приказни, или изработка на семејно стебло добиваат чувство на припадност.
6. Посветување на време, трпение и заеднички активности
Во свет каде се купува готова храна и сè останато, вистинска реткост се домашните изработки. Затоа ако бабите и дедовците се вешти во некои нешта, убаво е тоа да им го пренесат и на своите внуци. Заедничките интересни активности, како излети, прошетки, правење колачиња, или пак садење на растенија кај внуците создаваат опуштеност и секогаш ќе ги паметат тие дружења, но и ќе им се разбуди креативноста да создаваат и да бидат уникатни.
7. Присутност во сите важни животни мигови
Зборовите на охрабрување и поддршка, радоста за постигнатиот успех, топлата прегратка и насмевка, како и присутност во најважните мигови во животот на внуците, придонесуваат децата да се чувствуваат сакано и да знаат дека нивните баби и дедовци веруваат во нивните поставени цели и визии.
Затоа баби и дедовци, секогаш одвојувајте време за своите внуци, вашата улога е важна во остварување на нивните соништа. Вие сте мостот, кој ги спојува минатото и иднината, а вашата љубов ќе ги води низ животот.
„Внучињата се венец на старците, а синовите се слава на нивните татковци.“ – Изреки 17:6
Маја Јовевска

