Духовна аптека

Вртлогот на светот и мирот во Христос, таму каде што радоста е постојана

Се вели дека за радост е потребно малку. Една насмевка, топла прегратка, утринско кафе со драгите луѓе, испеана песна која лежи на срцето….. Но, доволно ли е? Дали е доволно сето тоа, ако незадоволството од животот тропа постојано на вратата и потребен е само еден дел од секундата да се заборават тие мигови на радост. Зарем прегратката со саканите не го топли срцето? Зарем музиката на твојата душа заминува со звукот на болниот крик од секојдневието? А така не беше замислено, нели?

Како еден чуден вртлог одеднаш да носи со себе сè што го сочинуваше твојот свет. А ти се надеваше на луѓе, институции, предмети, авторитети. Да, тоа е вртлогот на светот…
Крајниот исход не завршува секогаш онака како што сметаш дека е праведно, а тоа разочарува, боли, а ти се бориш. Но, силата е човечка и попушта и замислите кои ги имаше за напредок сега се претвораат во замисли за излез од состојбата. И во главата ти се нижат мислите и си велиш – “Барем да беше се како порано”

Има една изрека во Светото Писмо, која вели:
“Има многу замисли во човековото срце, но што ќе науми Господ, тоа и ќе биде.”

И уште една прекрасна, која вели:
“Колку се големи Твоите дела, Господи и длабоки се Твоите замисли.”

Затоа, предади сè во Божји раце и Тој ќе води. Во Негови раце се земските длабочини, Негови се планинските височини. Негово е морето, Тој го создаде и копното, што го направија Неговите раце. Сам не знаеш, сам не умееш. Едноставно е, има Некој, Кој се даде себе си за тебе, Некој, Кој толку многу те љуби што и животот свој го даде за да не патиш, да не бидеш отфрлен, да не загинеш, но да живееш, а не да “преживуваш” од ден за ден и да ги крпиш сите области од животот кои напукнаа од твоите слабости, додека солзите течеа, а ти ги голташе и ги чуваше за себе.

А секоја солза Тој ќе ја избрише и најдобар пријател ќе ти биде. Бесконечна е Неговата љубов во сета широчина и длабочина, во сета висина и должина. Во присуството Божјо ништо не е загубено, туку најдено. Сите вртлози исчезнуваат, преку верата во Него планини се поместуваат, болестите и гибелта минато стануваат, утрата во спокој се обојуваат.

ИМА КОЈ ДА СЕ БОРИ ЗА ТЕБЕ! НЕ СИ САМ!

Запомни: Сè е минливо, сè има почеток и крај, само Господ Исус Христос е ист и вчера и денес и довека и Тој ги има најдобрите замисли за тебе, кои се за добро, за мир, иднина и надеж. А кога Тој ќе вети, тогаш тоа е исполнето. И кога ќе Му дозволиш да застане на престолот на твојот живот, повеќе нема простор за грижи и страв, едноставно кормилото е во Негови раце. Твојот брод нема повеќе опасност да го проголта бурата. Неговиот пат нека биде твој пат, а твојата радост да не биде повремена, туку постојана и полна во Христовото присуство и во Неговата безусловна љубов, со која неизмерно те засака, а ти со Него можеш да живееш во победа, благослов и благодарност.

Маја Јовевска

Можеби ќе ви се допадне

Духовна аптека

Биди сонце што не згаснува

  • 24.02.2026
Денот е посветол кога не ги паметиш лошите мигови и си простил на туѓата неспособност да те љубат и прифатат.
Духовна аптека

Без љубов животот нема смисла 

  • 24.02.2026
Како што поминуваат годините, деновите гледаме дека љубовта меѓу луѓето оладува и затоа многумина се разболуваат. Човек без љубов е