Емотивно интелигентната личност е зрела личност, продуховена, која е свесна не само за своето постоење туку и за средината, луѓето кои ја опкружуваат и нивните потреби. Оваа личност е созреана во зависност од тоа колку дава љубов, посветеност и добродетелност за заедницата. Созреаната личност е од полза за сите и носи одлуки кои се конструктивни, градат доверба, развиваат заедништво и почитуваат. Ваквата личност знае да “прочита” низ што поминуваш, што е потребно и како да се реагира дури и кога тоа не е кажано гласно.
Но, за жал некои луѓе и да им кажеш глуви се, некогаш и да им објасниш не разбираат како да се глувонеми странци. Некои од овие, емотивната зрелост ја толкуваат како арогантност и свесност за своите потреби, а некои како да се на некое високо ниво и должен си за се да им даваш објаснување да ги молиш да те поддржат или да се согласат за некоја работа.
Таквите емотивно-духовно НЕДОЗРЕАНИ личности:
- нема да те пречекаат со колата на аеродром кога ќе пристигнеш иако имаат кола;
- нема да те прашаат дали ти треба одмор или храна, туку ќе те испрашуваат за нивниот интерес да видат дали ќе го задоволиш или не;
- нема да се извинат ако згрешиле, туку на друг ќе ја префрлат одговорноста или ќе игнорираат кога им укажуваш на пропустите;
Тие личности често имаат безброј изговори за нивните пропусти искажувајќи силни реченици, но без постапки и дела на љубовта.
Тие се како оние мали деца кои се слатки и заиграни со своите лични играчки и јадат млеко со искршени бисквити, и нив можеш само да ги сакаш без да очекуваш да ја „ископаат нивата“, барем додека не созреат вистински.
Сакај ги, моли се за нив, верувај дека ќе созреат и не откажувај се од нив, биди поинаков!
Извадок од книгата „Биди поинаков“ од М-р Константин Кајшаров

