Живеејќи световен живот низ годините, се стекнав со многу проклетства кои ги отворија вратите на мојата душа, па така се здобив со маки и страдања. Барајќи решение за моите проблеми, по препорака од одредени луѓе почнав да одам кај бајачка, која ми кажуваше дека ми се направени магии и дека затоа ми се случува сето ова. Соочувајќи се со моите проблеми, одвреме-навреме одев кај неа, мислејќи дека преку Исус ме ослободува од тие магиски влијанија кои ми биле направени од одредена личност.
Така, цели 14 години се вртев во тој циклус „падни-стани“, со многу прашалници во главата, сомнежи, манипулации, лаги и слични работи кои ми ги зборуваше таа.
Еден ден побарав совет од свештено лице од Православната црква. Тој ми кажа дека не треба да одам кај бајачки, бидејќи тие работат со демони. Ме советуваше редовно да одам на литургии, да постам и да се причестувам. Го прифатив тоа и почнав така да живеам. Но со текот на времето почнав да забележувам многу сличности меѓу работите што ги гледав кај бајачката и одредени практики во православието – како поклонување на икони, палење свеќи, славење светци и други слични работи. Почна да ми станува јасно дека коренот е ист, само во поинаква форма.
Еден ден купив Свето Писмо и почнав да читам. Тогаш сè ми стана јасно како бел ден. Почнав да се водам според Божјото слово. Престанав да палам свеќи, да се молам на светци и да се поклонувам на луѓе. Во тие 10 години поминати во православието, Бог ми даде многу откровенија за тоа што се случува таму. Поради тоа станав „трн во око“ за многумина и бев осудуван, но како што е напишано: „Ако е Бог со тебе, кој ќе биде против тебе?“
Следејќи ги богослужбите на Константин Кајшаров, увидов дека имаме многу сличности во верувањето преку библиското христијанство. По Божја милост и водство на Светиот Дух, бев одведен во црквата „Блага Вест“, каде му ги раскажав моите животни искуства.
По два дена имаше богослужба со тема „ослободување од демони“ и исцелителна служба. Бев пријавен и јас. На таа богослужба во црквата „Блага Вест“ се случи голема промена во мојот живот. Имаше разни исцеленија, зависно од проблемите што ги имаа луѓето.
По Божја благодат, кога застанав пред Пастор Кајшаров тој изговараше библиски зборови за ослободување од анатема, магиски влијанија, бајачи и гатачи, почувствував голем наплив на сила. Светлина ми блесна пред очите и паднав на душекот, каде започна духовна борба меѓу доброто и злото. Таму бев разрешен и ослободен од сето зло што ме мачеше со години.
Од тој момент мојот живот почна да се менува на подобро. Како да бев заборавил како е да се чувствува човек слободен – без стравови, грижи, маки и страдања. Дури ми беше чудно што конечно ми е добро. Денес редовно одам во таа црква, каде што по Божја промисла го најдов својот мир. Благодарен сум и среќен, што сум дел од таа благословена црква, предводена од Константин и Милена Кајшаров.
Сашко Петров

