Тајсон Фјури е професионален боксер од Англија и поранешен светски шампион во тешка категорија, кого многумина го сметаат за еден од најдобрите боксери на денешницата. И покрај славата, парите и шампионските титули, Фјури јавно зборуваше за својата борба со депресијата, внатрешната празнина и периодот кога ја изгубил волјата за живот.
Во 2016 и 2017 година неговиот живот тргнал во погрешна насока. Се оддалечил од спортот, од луѓето и од секојдневниот живот. Во тој период се соочувал со сериозни психички проблеми, зависности и чувство на безнадежност.
Подоцна и самиот признава дека поминувал низ многу тежок период и дека не знаел како да се справи со сè што му се случува.
„Порано не знаев што е тоа и долго влегував и излегував од него, но сега всушност знам што е и знам како да се справам со тоа“, изјави Фјури во интервју за МТК Глобал.
Тој подоцна сведочеше дека токму во најтешките моменти сфатил колку му е потребен Бог.
Иако израснал во христијанско семејство, во периодот на депресија и внатрешна празнина почнал посериозно да се моли, да ја чита Библијата и отворено да зборува за верата и за Божјата помош во неговиот живот.


Фјури во повеќе интервјуа има зборувано и за Исус Христос, велејќи дека верата во Исус Христос му помогнала да не се предаде во најтешките моменти од животот. Тој неколкупати изјавил дека без Бог не би успеал да излезе од темниот период низ кој поминувал и дека токму верата му дала сила, надеж и нов почеток.
Со текот на времето почнал целосно да го менува својот живот. Повторно се вратил на тренинзи, ја подобрил физичката и менталната состојба и успеал повторно да стане светски шампион. По 32-месечно отсуство од рингот, Фјури успешно се врати во професионалниот бокс и повторно се искачи на врвот.
Покрај спортската кариера, Фјури денес често зборува и за важноста на менталното здравје.
„Треба да подигнеме поголема свест за менталното здравје… тоа е нешто многу драго за мене и моето срце“, изјавува тој. Иако има освоено многу титули и постигнат голем успех во боксот, Фјури често истакнува дека неговата најголема победа не се шампионските појаси, туку тоа што повторно пронашол вера, надеж, мир и стабилност.
„Содржината е базирана на јавно достапни онлајн информации, со авторска обработка и интерпретација.“
Андреј Ристовски

