На секој човек му треба спасение од Бога, иако најчесто тоа го осознава кога е болен или страда, тој или негов близок. Тоа може да се случи само ако се обрати кон Господ Исус Христос, затоа што под целиот небесен свод има само едно име на кое луѓето можат да се повикаат за да се спасат, а тоа е Исус Христос! – Дела Ап. 4:12
Дали знаете што е Радосната вест? Ако верувате во Исус, дека Тој дојде, ја изврши Божјата волја, го даде својот живот за вие вистински да живеете и кога ќе заминете од овој свет, наместо вечна смрт, да примите вечен живот, да имате заедништво со Бога, ако поверувате и ја примите оваа Радосна вест во вашето срце, по милост Божја станувате Божјо дете.
А на сите што Го прифатија – на оние што поверуваа во Него – им даде право да станат Божји чеда. – Јован 1:12
Дали мислите дека е Божја волја да страдате? Не, Божја волја е да имате живот во здравје, изобилие, во мир, иднина и надеж, а не казна. Злото доаѓа само од ѓаволот, но Исус дојде и ги сруши неговите дела, Тој скапо ја плати казната за нашиот грев, се даде себе си и ја пролеа својата крв за нас, врз себе ги зеде нашите болки и болести, преку неговите рани, се исцеливме.
Тој ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме дека Тој беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога. А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме. – Исаија 3:54,55
Дали знаете што е потребно за да се спаси човек? За да се спаси човек треба да пристапи со вера кон Господ Исус Христос, да изјави дека Исус е Господ и во срцето да поверува дека Бог го воскресна од мртвите.
Ако со својата уста Го признаваш Исус за Господ, и ако во своето срце веруваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе бидеш спасен. – Римјани 10:9
Како треба човек да живее понатаму? Откога прима спасение, човекот треба да го остави стариот грешен начин на живот и да почне нов, со помош на Светиот Дух, со редовна молитва, во заедништво со други верници од црква движена од Светиот Дух, да го чита и слуша Светото Писмо, да гради личен однос со Бог, а сето тоа му носи живот, здравје, обнова, целовитост.
Синко, внимавај на зборовите мои и приближи го увото кон поуките мои; да не отстапуваат тие од твоите очи; чувај ги внатре во срцето свое: зашто тие се живот за оној што ги нашол, и здравје за целото тело негово. – Изреки 4:20-22
Подготвил: Софија Кузмановска

