Кога ќе го слушнеме името Доли Партон, најчесто помислуваме на светската музичка легенда, нејзиниот препознатлив глас, русата коса, блескавите костими и песните што ги знаат генерации. Но зад сета таа слава се крие приказна за едно девојче кое пораснало во сиромашно семејство, со 12 деца, во планините на Тенеси. Доли била четврто од дванаесетте деца во семејството Партон. Нејзиниот татко бил сиромашен земјоделец и работник, а семејството се борело да преживее. Подоцна Доли без двоумење зборувала за своето детство како за живот во крајна сиромаштија. Но токму од таа сиромаштија започнала една од најневеројатните приказни во музиката.
Една од најболните спомени од детството на Доли станала и една од нејзините најубави песни. Нејзината мајка, бидејќи немала пари да ѝ купи ново палто, направила палто од различни парчиња стара ткаенина. За малата Доли тоа било прекрасно. Таа била горда на својот нов шарен капут и со радост го облекла на училиште. Но наместо комплименти, децата почнале да ја исмеваат. Ѝ зборувале дека носи само партали и дека е сиромашна. Доли подоцна раскажувала дека плачела и дека тоа било едно од нејзините први големи детски разочарувања. Години подоцна од таа болка се родила песната „Coat of Many Colors“ – приказна за сиромашното девојче кое немало многу, но имало мајка која му дала нешто направено со љубов. И можеби токму тоа е една од најголемите лекции од нејзиниот живот: Она што другите го гледале како сиромаштија, Доли го претворила во богатство.


Дури и кога почнала да гради кариера, не престанале коментарите за нејзиниот изглед. Нејзината руса коса, нагласената шминка, тесната облека и раскошниот стил биле нешто што многумина го исмевале. На почетокот на кариерата дури и луѓе од музичката индустрија сакале да ја променат. Ѝ велеле да ја исправи косата, да се облекува поелегантно и да изгледа „поскромно“. Но Доли одбила. Таа сакала да биде Доли, а не она што другите сакале да биде. И токму тој изглед што некогаш го исмевале подоцна стана еден од нејзините најпрепознатливи заштитни знаци.
Постои уште една многу емотивна страна од животот на Доли. Таа и нејзиниот сопруг Карл Дин немале свои биолошки деца. Но тоа не значи дека Доли не сакала да биде мајка. Напротив. Таа пораснала во огромно семејство и уште од најрана возраст била опкружена со деца. Некои од нејзините помлади браќа и сестри подоцна живееле со неа и таа учествувала во нивното растење. Подоцна зборувала со огромна љубов за своите внуци, внуки и нивните деца. За нив не била само познатата Доли, таа била „Aunt Granny“, тетка која ги сакала како свои деца. Таа еднаш објаснила дека можеби Бог не ѝ дал свои деца затоа што требало да има место во срцето за децата на сите други. И токму тоа го направила.
Во 2020 година, зборувајќи со Опра Винфри, објаснила дека фактот што немала деца ѝ дал слобода целосно да ѝ се посвети на музиката и работата. Таа сметала дека токму тоа е еден од факторите за нејзиниот огромен успех.


А кога зборуваме за Доли Партон, невозможно е да не ја споменеме песната која стана светска химна на љубовта и разделбата.
„I Will Always Love You“ е песна напишана од Доли Партон. Таа ја напишала во 1973 година, а подоцна песната стана планетарен хит во изведбата на Витни Хјустон. Но песната отсекогаш била на Доли. И колку е симболично што една жена чиј живот бил исполнет со толку многу разделби, борби и осуди напишала песна со порака: „Секогаш ќе те сакам.“ Зашто љубовта навистина била една од главните нишки во нејзиниот живот.
Доли никогаш не заборавила како изгледа детството без многу можности. Токму затоа во 1995 година ја основала Imagination Library – програма која им подарува бесплатни книги на децата. Идејата била длабоко лична. Нејзиниот татко бил многу интелигентен човек, но не знаел да чита и пишува. Доли сакала децата да имаат пристап до книги и образование што тој го немал. Програмата започнала скромно, но прераснала во огромна меѓународна иницијатива, со повеќе од 300 милиони подарени книги.



Доли со години помагала во различни области – од образование и детска писменост, до здравство и помош за луѓе погодени од катастрофи. Во 2020 година донирала 1 милион долари за медицинско истражување во Vanderbilt University Medical Center, поврзано со истражувањето за COVID-19. Помагала и на својата локална заедница, поддржувала образование и вложувала во луѓе кои можеби никогаш немале можност каква што таа добила. И можеби највпечатливо е што не го градела целиот свој живот околу тоа јавноста да знае колку дала. Многу од нејзините добри дела не биле дел од нејзиниот сценски имиџ.
Доли Партон со години отворено зборувала за својата вера во Бог и во Господ Исус Христос. Израснала во христијанско семејство, пеела во црква уште како дете и библиските приказни и христијанската музика имале големо влијание врз неа. Но најубавото е што нејзината вера не останала само во песните и зборовите. Таа ја претворила во дела.
Таа во текот на целиот свој живот и кариера била исклучително отворена за својата длабока вера во Исус Христос, која претставувала главен двигател на нејзиното творештво и хуманитарна дејност. Често нагласувала дека нејзината вера е дел од нејзиниот идентитет и дека преку Бога сè е возможно. Јасно ставала до знаење дека нејзиниот центар е Исус. Секој ден го започнувала со молитва, барајќи од Бога да ја води и да прави нешта што ќе го прослават Него. Нејзината вера е овековечена во бројни христијснски песни и соработки. Таа го испеа познатиот дует со Зак Вилијамс, „There Was Jesus“ („Таму беше Исус“), кој зборува за тоа како Исус секогаш е присутен во сите животни падови и бури. Дори била Членка на Gospel Music Hall of Fame каде нејзиниот придонес во духовната музика е официјално признат.


Доли Партон ќе остане запаметена како девојчето од планините на Тенеси кое од сиромаштија создаде светска легенда. Таа не само што ја обележа музиката со својот глас и песни, туку и со својата вера, хуманост и љубов кон луѓето. Нејзиниот живот е сведоштво дека вистинското богатство не е во материјалното, туку во срцето кое дарува. Доли Партон ќе остане вечен симбол на надеж, љубов и вера, жена која им подари светлина на милиони и остави наследство што никогаш нема да избледи.
„Содржината е базирана на јавно достапни онлајн информации, со авторска обработка и интерпретација.“
Подготвил: Зорица Јандриеска

