За едни постот е период на посебен режим на исхрана, додека пак за други, претставува религиозна традиција што се практикува неколку пати годишно. Но, според Библијата, постот има многу подлабока смисла – тој започнува од срцето на верникот!
Во христијанството, постот не се сфаќа како начин за да се заслужи Божјата благонаклонетост, туку како можност на развивање на подлабоко заедништво со Бог, одмарање во Божјата починка и копнеж за Бог и за Неговото присуство.
Постот е време кога верникот се воздржува од сè што му го одвлекува вниманието, за повторно да го насочи својот фокус кон Христос. Но, воздржувањето не се однесува само на храната. Секој човек има нешто што му носи задоволство – социјалните мрежи, коцкање и игри на среќа, телевизија и разни други навики и зависности. И токму откажувањето од тие работи има за цел да му помогне на верникот повторно да открие дека вистинската исполнетост не доаѓа од моменталните задоволства, туку од заедништвото со Бога.
Во тој процес, молитвата, славењето и читањето на Светото Писмо добиваат централно место. Така, верникот добива можност да застане, да се смири и да дозволи Божјото Слово да го обнови неговиот внатрешен живот. Постот е време во кое верникот учи да ги стави под контрола своите желби и навики, насочувајќи го своето срце кон Бога.



Библијата потсетува дека вистинската слобода доаѓа тогаш кога зависноста од Бога станува посилна од зависноста од сè друго. Тоа не значи дека верникот нема да има искушенија. И за време на постот може да се појават слабости и искушенија, но токму тие моменти можат да станат поттик тој уште повеќе да Му се приближи на Бог, барајќи сила во неговата слабост.
Покрај воздржувањето, Библискиот пост повикува и на преиспитување на приоритетите. Според Светото Писмо, ништо не треба да го заземе местото во животот на еден верник, што му припаѓа единствено на Христос. Парите, славата, успехот, популарните личности како идол или било што друго, лесно може да станат предмет на прекумерна приврзаност. Затоа постот е време на преиспитување, каде верникот може да се запраша што навистина владее со неговото срце. На крајот, суштината на постот не е гладот, туку промената. И не се работи за неколку недели без одредена храна, туку за период во кој срцето повторно учи да го стави Исус на централно место. Кога тоа ќе се случи, постот престанува да биде обврска и станува можност за духовна обнова, подлабок внатрешен мир и поцврсто заедништво со Бога.
Подготвил: Ана Божинова

