Работното место е просторот во кој го минуваме поголемиот дел од денот и најчесто го делиме со луѓе, со кои заеднички учествуваме во проекти, внимаваме на рокови, поставуваме цели, се радуваме на постигнатите успеси, но и покажуваме емоции и споделуваме лични приказни. Често пати растргнати помеѓу обврските, состаноците, стресот и различните карактери, забораваме кои сме и која е целта на нашето постоење и делување во различните аспекти од животот, а вклучително и на работното место.
Не треба да заборавиме дека не сме само телесни битија, туку и духовни и нашиот дух не заминува на “пауза” во моментот кога се логираме на компјутерот, или кога ќе ја облечеме работната облека. Телесноста подразбира механичко завршување на задачите, но духовноста, не заштитува од “прегорување”.
Духовниот човек силата ја црпи од Господ Исус Христос. Господ Исус Христос не учи дека нашата вредност доаѓа од Него, а не од социјалниот статус, титулата, позицијата на работното место и висината на платата. Духовниот човек на работното место е чесен и одговорен. Не работи добро само кога е во присуство на претпоставениот, туку пристапува совесно во секој миг, знаејќи дека Бог ја гледа неговата намера. Во Светото Писмо апостолот Павле порачува:
„Се што правите, правете го со сета душа, како да го правите за Господ, а не за луѓето.“ – Колосјаните 3:23
И ваквиот пристап целосно го менува пристапот кон обврските. Духовниот човек не користи лаги и манипулации за да постигне успех. Односите со колегите и клиентите се темелат на почит. Често пати канцелариите можат да станат бојни полиња, во кои доминираат суетата, интригите, лагите и озборувањата. Во таквите ситуации духовниот човек не стнува соучесник, туку дејствува како миротворец.
Кога се чувствува притисок, наместо со гнев и нервоза, одговара со трпение и благост. Тој во секој колега, без оглед на работната позиција, се однесува со почит. Професионалниот свет често ги охрабрува луќето да “газат преку живи луѓе”, за да се искачат на кариерната скала. Но христијаните на работното место, без оглед дали се лидери, или работници се раководат од примерот на Христос, Кој дојде за да служи, а не да Му служат. Соодветно на тоа со радост им помагаат на поновите и понеискусни колеги за да напредуваат, без при тоа да се плашат од конкуренција.
Духовниот човек достоинствено се соочува со неправдите. Кога се соочува со мобинг, некоректен однос, лоши услови, не враќа со иста мерка, со омраза и одмазда, туку ги користи сите правни и легални средства за да се заштити, чувајќи го своето срце од гнев, горчина и непростување. Секогаш избира да ја зборува вистината, не прифаќа компромиси, дури и по цена да го изгуби работното место.
Духовниот човек инспирира и поставува стандард со својот пример. За христијанинот работното место не е само извор на егзистенција, туку и примарна мисија. Господ Исус Христос не може да се остави пред вратата на канцеларијата, туку духовниот човек го носи во своето срце и го рефлектира, а тоа се забележува преку љубовта, која ја покажува во дела, а таа љубов ги стоплува и инспирира и останатите.
„Вие сте во улога на светлина на светот, како осветлен град изграден на врв планина, за сите да го гледаат.“ – Матеј 5:14
Маја Јовевска

