Духовна аптека

Слушањето на Божјиот Глас како духовна навигација во секојдневниот живот

Во свет преполн со бура од брзи и непроверени информации, технолошки дефокус и „гласови на современото доба“, способноста да се препознае Божјиот глас може да биде најважниот водич низ животот. Божјиот Глас не е резервиран само за одредени луѓе или духовни водачи, како што и се вели во христијанското верување, туку е достапен за секој што искрено го бара, но клучната поента е – дали човекот е подготвен да го слуша.

Според она што е добро познато во христијанството, Бог не е далечен, туку е Жив и блиску до секој човек, бидејќи е Бог Кој зборува. Библијата јасно сведочи дека Бог комуницира со човекот, а тоа се потврдува и преку овој стих каде Самиот Господ вели: „Моите овци го слушаат Мојот глас, и Јас ги познавам, и тие одат по Мене“ – Евангелие по Јован 10:27

Овие зборови укажуваат на моментот дека слушањето  на Божјиот глас не е инстант техника, туку е резултат на личен однос со Бога во Името на Господ Исус Христос и е постојан процес кој бара вера, посветеност и духовна дисциплина. Тука не станува збор за мистични ритуали и скриени формули како што некои си мислат. Напротив, тука се потенцира фактот кој е дел од основите на христијанството, а тоа е дека Бог не зборува гласно, туку со тивок поттик во срцето кој носи мир, насока и надеж.

Еве неколку начини  како да го слушнете и препознаете Божјиот глас, а кои се прифатливи и применливи во христијанската практика:

  • Најсигурниот начин да се слушне Божјиот глас е преку Светото Писмо(Библијата). Зошто? Бидејќи Бог веќе зборувал и продолжува да зборува  преку Неговото Слово.  Редовното читање и проучување на Светото Писмо не само што информира, туку и трансформира. Кога човекот се соочува со дилема, проблем или се наоѓа на раскрсница во животот, зборовите од Светото Писмо носат правилен одговор и даваат вистински патоказ за животот на човекот. Бог не е контрадикторен и нема да те води во нешто што е спротивно од Неговата природа и Слово. Затоа, секое „внатрешно водство“ треба да се провери низ лупата на Светото Писмо. И можеби она што би било најважно во овој дел е следното: Колку повеќе човек ја чита и познава Библијата, толку полесно ќе може да го препознава Божјиот Глас. Неретко од многу христијани можеме да ја слушнеме и следнава изјава: „Ако сакаш да знаеш што Господ ти зборува, не ти треба многу – само отвори ја Библијата.“
  • Молитвата упатена кон Бога во Името на Господ Исус Христос – вистинската молитва не значи само зборување, туку и слушање. Со оваа констатација се рушат одредени разбирања во однос на молитвата, бидејќи во сржта на христијанската вера главен фактор е личниот однос со Бога. Тој се сведува на искрен разговор со Бога каде човекот не само што ги изнесува своите барања и потреби, туку учи да застане во тишина и да слуша што Господ му зборува. За ова потребно е трпение и доверба, бидејќи одговорите не секогаш доаѓаат веднаш, туку во вистинско време.
  • Битен индикатор за препознавање на Божјиот глас е и  внатрешниот мир – доколку она што ќе го добиеш како порака ти предизвикува спокој, љубов и мир, тогаш тоа е од Бога. Во спротивно, немирот и стравот се јасен доказ дека таа порака не доаѓа од Бога, туку од друг извор.
  • Во овој процес особено значајна е улогата на Светиот Дух Кој го охрабрува и поттикнува човекот да биде послушен на гласот на Бога. Понекогаш преку некоја ситуација или песна ќе слушнеш порака и насока која Господ ти ја дава, а ти била потребна во моментот.
  • Можеби една од поважните работи која се однесува на оваа тема,а која често се занемарува во денешни услови е припадноста во вистинска духовна христијанска заедница. Разговорите и насочувањето од страна на духовните водачи, Пастори или Епископи на ваквите заедници можат многу да помогнат во распознавање на она што човекот мисли дека го слуша – дали е од Бога или не е, бидејќи Бог зборува и преку други луѓе.

За оваа цел, од голема помош е користењето на духовна литература, која за горе споменатата тематика е лесно разбирлива и достапна до јавноста. Книгата – прирачник „Како да го слушаш Божјиот Глас“ од Пастор Константин Кајшаров е полн погодок, бидејќи дава  детален осврт за важноста од слушањето на Божјиот глас низ Библиски принципи.

Божјиот глас никогаш не го оттурнува човекот од Христос, туку напротив, уште повеќе го приближува. Времињата се менуваат, но Божјиот глас останува јасен за оние кои сакаат да го слушаат, каде клучна е верата дека Бог навистина зборува и дека Неговото водство е добро, вистинско и полно со љубов.

Јулијана Спироска

Можеби ќе ви се допадне

Духовна аптека

Биди сонце што не згаснува

  • 24.02.2026
Денот е посветол кога не ги паметиш лошите мигови и си простил на туѓата неспособност да те љубат и прифатат.
Духовна аптека

Без љубов животот нема смисла 

  • 24.02.2026
Како што поминуваат годините, деновите гледаме дека љубовта меѓу луѓето оладува и затоа многумина се разболуваат. Човек без љубов е