Секој човек стигнал негде во животот според опсегот на неговите верувања, но не мора таму и да остане. Секој човек се сместил некаде во животот, но не секогаш припаѓа на местото кадешто се наоѓа. За да стигнеш подалеку во животот и да го најдеш местото кадешто припаѓаш, потребно е да го следиш вистинскиот компас на твојот живот, а тоа се твоите конструктивни и позитивни верувања. Дали стрелката на твојот компас те води по најдобрата патека за тебе, до вистинското место кадешто припаѓаш, или пак, ќе луташ и ќе се сместиш некаде да вирееш, тоа зависи од она што ти го веруваш. Верувањето го определува правецот на твојот живот, тоа формира претстава за животот, за другите луѓе, за тебе.
Можеби, заради погрешно верување не можеш да имаш добра претстава за себеси, соодветно неможеш да замислиш дека ќе ти се случуваат убави работи. Таквото верување ќе те доведе да се задоволуваш со она што ти е на дофат без да имаш стремеж кон поголеми подвизи. Така, твојата реалност ќе биде полна со ограничувачки фактори кои ќе те лимитираат во секој чекор кон нешто поголемо, бидејќи си заробен од ограничувачки верувања.
Човекот не е слеп кога нема вид, ниту е глув кога нема слух, туку кога човекот е заробен во своите погрешни верувања. Погрешните и ограничувачките верувања се кафезот во којшто луѓето се заробени а веруваат дека живеат во слобода. Некој човек дури и кога е образован и експерт во некоја област, сепак може да е ограничен во разбирањето на другите луѓе и нивните потреби, како и слеп за оние нешта кои не се доловуваат со физичките сетила. Верувањето не се искусува преку физички сензибилитет и низ физичките сетила, туку тоа е внатрешен процес, па затоа апостол Павле спомнува во Светото Писмо: „Верата е она што не движи напред, а не тоа што сега го гледаме.“ 2 Коринтјаните 5:7
Значи со верата одиме напред во животот, а не со она што го гледаме преку физичките очи, но Павле зборува за верата во Бог која нѐ придвижува напред. Додека верувањето во лоши ситуации, негативни исходи, песимистички сценарија не те придвижуваат напред, туку предизвикуваат ограничување, затоа тие се погрешни или ограничувачки верувања.
Твојата реалност е олицетворение на она што го веруваш и можеби си мислиш дека е претешко сѐ да се промени, но, потребно е само променет став, нова визија и позитивно верување кое ќе ги помести нештата и ќе ги придвижи нанапред.
Она што го веруваш го обојува твојот поглед кон животот, затоа промени ги верувањата и ќе го промениш животот!
Извор: Верувања преку визуелизација, од Константин Кајшаров

