Невронауката покажува дека мозокот не памети само што нè повредило или исплашило – туку и каде се случило тоа. Хипокампусот ги поврзува емоционалните сеќавања со физичката локација, поради што просторијата, работната маса или улицата каде што нешто лошо се случило може да продолжат да предизвикуваат непријатно чувство долго откако моментот ќе помине. Иако настанот одамна завршил, самата околина може повторно да го активира чувството на напнатост.
Во Психологијата ова се нарекува контекстуално условување (contextual conditioning) и во голема мера се одвива автоматски. Затоа, кога сме под стрес, понекогаш советот „само смири се“ не е доволен. Ако останеме во истата средина, мозокот и понатаму ги прима истите сигнали. Стресниот настан е завршен, но контекстот не се променил, па системот за аларм нема јасен сигнал дека е безбедно да се исклучи.
Промената на местото може да помогне. Самото движење му помага на телото побрзо да се ослободи од напнатоста. Кога ќе станеме и ќе прошетаме го прекинуваме контактот со средината што го активира стресот, вниманието се пренасочува од проблемот кон нови и променливи стимули околу нас. Понекогаш не треба веднаш да го „решиме“ проблемот, туку треба само да станеме и да се поместиме.

Затоа денес излези во природа, изолирај се малку и оди на прошетка со Бога – тоа ќе те ослободи од сите грижи и товари, ќе заборавиш на она што те повредувало а ќе добиеш сила и радост за да продолжиш напред. Милоста на Бога никогаш не престанува. Неговата љубов секое утро ја излева врз нас, одново и одново!
Заради Господовите добрини не сме уништени, Неговите милости никогаш не престануваат. Тие се нови секое утро: Твојата верност е голема! – Плач Еремин 3:22-23
„Содржината е базирана на јавно достапни онлајн информации, со авторска обработка и интерпретација.“
Подготвил: Росана Христов

