Темелот е тој што ја држи куќата да стои и да не се сруши, без оглед на катастрофата која ја погодила.
Доказ за тоа е зелената куќа на сликите подолу, за која се дознава дека е единствената која останала да стои, кога огромната буица од вода, кал, остатоци од срушени објекти и секакви други наноси, започнала да носи се пред себе за време на катастрофата во Непал, a за тоа е заслужен начинот, на кој бил направен нејзиниот темел.
Оваа вест дава една многу важна поука за нас и поттик да си поставивме едно многу значајно прашање, како Христијани.
На каква почва е изграден темелот на нашата куќа? На песок или на карпа? Какви бури и несреќи тој темел може да издржи? Или можеби, воопшто нема темел нашата куќа?
Исус нѝ даде предупредување дека Тој е Единствениот Темел на Кој треба да ја изградиме нашата куќа, за таа да опстане и да се одржи, т.е. да не се распадне во време на неволја:
„И така, секој, кој ги слуша овие Мои зборови и ги исполнува, ќе го споредам Јас со благоразумен човек, кој ја изградил својата куќа на камен. заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, но таа не се разурна, зашто беше заснована на камен. И секој, кој ги слуша овие Мои зборови, а не ги исполнува, ќе биде спореден со безумен човек, кој ја изградил својата куќа на песок. И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, и таа падна, и нејзиното паѓање беше големо.“ – Mатеј 7:24-27
Време е да сме Христијани, чија што куќа е подготвена да издржи секакво невреме, а не само убаво време! Време е да се преиспитаме дали Исус е темелот на кој го градиме нашиот живот; бидејќи доколку не е, сигурно ќе паднеме! И нашето паѓање ќе биде многу страшно!
Извор: Последни времиња

