Паметам, бев уште малечка кога ми се јави љубовта кон пишаниот збор. Ме радуваа песни и приказни со среќен крај, ми се веселеше срцето кога ќе прочитав стихови кои зрачеа со нежност, тивко ме милуваа и ме поттикнуваа да размислувам за добрината, пријателството, љубовта, животот… Умеев моите мисли, желби и соништа да ги ставам на лист хартија, како еден убав потсетник на младоста и копнежот на едно срце.
Времето минуваше, фокусот се менуваше, а останаа само листовите со песните кои бледнееја со текот на годините. Да, јас сè уште им се радував, но животот го живеев со брзо темпо. Предност имаа обврските кои ми ги оттргнуваа мислите.
Еден ден до мене допре една песна чии зборови и музика беа толку охрабрувачки, што едноставно ме понесе рефренот кој течеше:
„Радувај се, радувај се, во молитва насмевни се, радувај се, радувај се, во благослов насмевни се“.
Се запрашав: Дали доволно се радувам? Колку е потребно за радост? Дали мојот живот го живеам според Божјата волја и промисла за мене? Дали умеам да ја слушнам музиката во моето срце за да можат да се родат стихови кои ќе го слават Господ Исус Христос?
Погледнав околу мене. Пастор Константин Кајшаров, понесен од Светиот Дух, со ангелски глас ја пееше песната заедно со прекрасниот хор и верниците во ХЦ „Блага Вест“ во РМ. Радоста беше вистинска, жива, која понесува и ја гали душата, а мирот кој го почувствував беше чудесен. Ги погледнав до мене и членовите на моето семејство како се смеат и пеат, ги затворив очите и Му заблагодарив на Господ Исус Христос што ми покажа дека Тој е изворот на радоста, која во Него е трајна и постојана.
Во мене се роди жар повторно да пишувам поезија и проза, но овој пат посветена на Бога, Кому Му припаѓа сета слава, чест и величие. Деновите минуваа, стихови во моето срце се раѓаа и обврските повеќе не ја потиснуваа креативноста. Му се препуштив на Бог и Тој ме водеше, а Неговата прегратка ме охрабруваше. Се чувствував исполнета и радосна како дете, затоа што сум изобилно благословена.
И денес, после повеќе од 10 години, додека пасторот Константин нè води во молитва, во моето срце се излеваат стихови кои се плод на препуштеност и благодарност што постојам, што умеaм вистински да се радувам, да бидам од Бога употребена и победнички да живеам.

Насмевни се
Погледни околу себе,
секаде раскош и убавина,
дали е пролет расцутена,
или е есен позлатена.
Погледни го небото,
пространо и сино,
живеј и насмевни се,
љуби и радувај се.
Божјата рака е врз тебе,
Христовата љубов во тебе,
чувствувај ја таа свежина,
пренеси ја поракава на мнозина.
Маја Јовевска

