Katelyn Nichole Litwiller, позната како Кети Никол, е американска христијанска пејачка и текстописец, родена на 29 јули 2000 година во Аризона, САД. Светска препознатливост стекна во 2022 година со песната „In Jesus Name (God of Possible)”, која за кратко време допре до милиони луѓе ширум светот и стана една од најслушаните современи христијански песни.
Иако пораснала во христијанско семејство, Кети сведочи дека во тинејџерските години изградила лично и длабоко заедништво со Господ Исус Христос. Токму тогаш започнала и нејзината најголема животна борба.
Уште како тинејџерка се соочила со тежок облик на сколиоза. Искривувањето на ‘рбетот вршело силен притисок врз срцето и белите дробови. Поради тоа лекарите морале хируршки да ѝ вградат метални шипки и завртки за да го стабилизираат ‘рбетот. Но, и по операцијата продолжила да трпи силни болки, а лекарите со години не можеле да ја утврдат нивната точна причина.
Покрај физичката болка, таа се соочила и со депресија и анксиозност. Во своите интервјуа објаснува дека, иако знаела дека Бог е со неа, депресијата ја доживувала како „облак од чад“ кој ѝ го заматувал погледот и ѝ оневозможувал да ја почувствува Неговата близина.
Во интервју за CBN News открива дека во еден период размислувала да си го одземе животот.
„Го земав шишенцето со апчињата што стоеше во мојот ормар, го погледнав и реков: ‘Ќе биде толку лесно.’ Знаев што може да ми направи и отидов во моето купатило. Тоа шишенце со апчиња падна на подот и почувствував како Господ ми вели: ‘Сѐ уште не сум завршил. Треба да издржиш.’
Кети сведочи дека токму тие зборови станале нејзина надеж во следните три години.
„Се држев за тие зборови цели три години. Болката што ја чувствував беше неподнослива, но надежта – таа мала искра надеж – беше тука цело време. Господ беше со мене. Стигнав до момент кога веќе немаше повеќе опции за мене. Бев кај секој можен доктор и никој не можеше да открие зошто бев во толкава болка.“
По долг период на испитувања, лекарите предложиле уште една операција – отстранување на металните шипки и завртки од нејзиниот ‘рбет. Иако хирурзите предупредиле дека интервенцијата е поризична отколку тие да останат во нејзиниот грб, Кети решила да ја прифати.
„Хирургот ми рече: ‘Можеме да ги извадиме шипките и завртките, но тоа е поопасно отколку да ги оставиме.’ Тоа беше застрашувачко, но јас му реков: ‘Извадете ги. Не знам дали ќе издржам до утре.’“



По втората операција започнал долг процес на закрепнување и рехабилитација. Кети сведочи дека токму во тој период, додека се наоѓала на одделот за интензивна нега, доживеала силно духовно искуство.
„Излегов од операцијата. Во операционата сала нема прозорци, но видов светлина. Ти ветувам, тогаш облакот од чад се раздели. Знаев дека Исус беше во собата. Знаев дека Бог има цел за мојот живот.“
Оттогаш, како што сведочи, нејзината вера уште повеќе се зацврстила. Таа често истакнува дека токму најтешките периоди од животот ја доближиле до Бога.
„Битките со кои се соочив, тоа беа времињата кога бев најблиску до Бог.“
Во периодот на закрепнување започнала да пишува песни инспирирани од надежта што ја пронашла во Господ Исус Христос. Така настанале песните „In Jesus Name (God of Possible)” и „Hold On“, кои носат порака за Божјата верност, надеж и охрабрување.
Кога дел од песната „In Jesus Name (God of Possible)” бил објавен на TikTok, за кратко време станал вирален. Илјадници, а потоа и милиони луѓе почнале да споделуваат сведоштва дека преку неа биле охрабрени, пронашле мир и повторно ја насочиле својата надеж кон Бога. По нејзиниот успех, Кети потпишала договор со христијанската музичка издавачка куќа Centricity Music, по што започнала да снима музика, да одржува концерти и да го споделува своето сведоштво низ светот.
Иако денес е една од најпознатите современи христијански пејачки, Кети Никол постојано нагласува дека најважно не е нејзиниот музички успех, туку пораката за надеж во Господ Исус Христос. Во своите интервјуа често сведочи дека токму верата во Христос ѝ дала сила да продолжи тогаш кога мислела дека нема излез.
Во речиси секое интервју ја повторува истата порака:
„Ако Бог можеше да ме изведе мене низ тоа, може да го направи и за тебе.“ Нејзиното сведоштво продолжува да охрабрува луѓе кои се соочуваат со болест, депресија, страв или чувство дека нема излез, потсетувајќи ги дека надежта во Господ Исус Христос останува жива и тогаш кога околностите изгледаат безнадежни.
„Содржината е базирана на јавно достапни онлајн информации, со авторска обработка и интерпретација.“
Андреј Ристовски

