Духовна аптека

Грабнати во еден миг за средба со Царот на облаците

Во време кога светот се движи меѓу страв и надеж, сè почесто во Црковните кругови се отвора прашањето за еден настан што звучи мистериозно – „Грабнувањето“. 

Дали е тоа само некој Библиски мит или реален момент што може ненадејно да го прекине текот на секојдневието? Апостолот Павле ни дава јасна слика, бидејќи тој во два наврати за овој настан им пишувал на припадниците на црквите од Коринт и Солун:

„Ќе ви откријам една тајна: сите нема да доживееме физичка смрт, но сите ќе бидеме преобразени. Тоа ќе се случи брзо, за еден миг на окото. Кога ќе се огласи последната труба, починатите Христови следбеници ќе бидат воскреснати во бесмртни тела, а ние што сме живи ќе бидеме преобразени исто така во бесмртни тела. Неопходно е нашите распадливи тела да се преобразат во нераспадливи, и тоа што е смртно да се преобрази во бесмртно.
Кога нашите распадливи тела ќе се преобразат во нераспадливи, и смртното ќе стане бесмртно, тогаш ќе се исполни она што е напишано во Светото Писмо: “Смртта е уништена и победата е целосна!“  (1 Послание на Павле до Коринтјаните 15:51-54)

„Ова ни е кажано од Господ. Тој ни рече дека ние што ќе бидеме живи кога Тој повторно ќе дојде, ќе се сретнеме со Него откако Тој претходно ќе ги воскресне починатите. Господ Лично ќе се симне од небото, со силен глас ќе заповеда, со глас на архангел и со труба Божја, и прво ќе воскреснат оние што верувале во Христос пред да починат; потоа ние што сме живи, заедно со нив, ќе бидеме грабнати во облаците, за да се сретнеме со Господ и засекогаш да останеме со Него. Затоа, утешувајте се и охрабрувајте се меѓусебно со овие зборови.“ (1 Послание на Павле до Солунјаните 4:15-18)

Терминот „грабнување“ доаѓа од латинскиот збор Rapturo, кој е превод на грчкиот Harpazō (ἁρπάζω) – со значење да се зграпчи, да се однесе ненадејно. Павле дополнува дека тоа ќе се случи „брзо, во еден миг на окото“ (1 Коринтјаните 15:52), нагласувајќи ја неговата неочекуваност. Но зад оваа мистичност не стои закана, туку ветување. За раните Христијани, пораката била извор на утеха, а не на страв. Сепак, важно е да се направи разлика меѓу Грабнувањето и Второто Христово доаѓање – две поврзани, но различни теми во Христијанската есхатологија. Во описот на Павле, верниците се „грабнуваат“ за да Го сретнат Господа во воздухот. Наспроти тоа, во други библиски текстови се зборува за Христос, Кој доаѓа на земјата со сила и слава, видлив за сите, за да донесе суд и да воспостави правда. Со други зборови, Грабнувањето се разбира како средба, додека Второто Христово доаѓање како јавно и славно откривање.

Еве ги поважните разлики:

1)  Грабување: Црквата ќе се сретне со Христос во воздухот (1 Солунјаните 4:17)

.    Второ Христово Доаѓање: Христос ќе застане со Своите Нозе на Земјата (Захарија 14:4)

2) Грабување: Црквата ќе биде однесена на Небото(1 Солунјаните 4:17, Јован 14:1-3)

    Второ Христово Доаѓање: Црквата ќе се врати на земјата од небото (Јуда 1:14,15)

3 ) Грабување: Христос ќе дојде по Своите светии (2 Солунјаните 2:1)

     Второ Христово Доаѓање: Христос ќе дојде со Своите светии (Откровение 19:14)

4) Грабување: Самиот Христос ќе ги собере Неговите светии (1 Солунјаните 4:16)

    Второ Христово Доаѓање: Ангелите ќе ги соберат избраните (Матеј 24:31)

5) Грабување: Верниците ќе бидат издвоени од неверниците (1 Солунјаните 4:16-17)

    Второ Христово Доаѓање: Неверниците (плевелите) ќе бидат собрани први (Матеј 13:41-43)

6) Вознесување: Сатаната нема да биде врзан (Откровение 13:2)

    Второ Христово Доаѓање: Сатаната ќе биде врзан (Откровение 20:03)

7) Грабување: Праведните ќе бидат отстранети (1 Солунјаните 4:17)

    Второ Христово Доаѓање: Злите ќе бидат отстранети (Матеј 25: 40-41)

Оваа разлика не е само теолошка нијанса, туку влијае и врз начинот на кој верниците ја доживуваат иднината. Додека Второто доаѓање често се поврзува со суд и глобален пресврт на состојбата во светот, Грабнувањето се доживува како лична и радосна средба со Христос. Затоа Павле ги повикува верниците „да се утешуваат со овие зборови“, нагласувајќи ја надежта што стои зад ова учење.

Денес, во време на глобални кризи и духовна потрага, пораката повторно добива на актуелност. Наместо апокалиптична сенка, таа станува повик за будност, вера и подготвеност. Грабнувањето не е бегство од реалноста, туку радосно очекување на настапувањето на овој настан.

И токму тука се менува перспективата: тоа не е крај, туку почеток. За верниците, Грабнувањето претставува „блажена надеж“ – сигурност дека историјата не завршува во темнина, туку со средба со Исус на облаците и потоа вечен живот во Неговото присуство. 

Нема страв, само тивко, но силно и радосно очекување: дека во миг што никој не го знае, надежта ќе стане реалност, а ветувањето – исполнување.

Нека ова биде повик до Христовата Невеста:
Остани будна, читај Свето Писмо, радувај се во Христа, биди исполнета со Светиот Дух како лампа со масло и со поглед нагоре, очекувај Го повикот за средба со Младоженецот на Небесата.

Душанка Петрова

Можеби ќе ви се допадне

Духовна аптека

Биди сонце што не згаснува

  • 24.02.2026
Денот е посветол кога не ги паметиш лошите мигови и си простил на туѓата неспособност да те љубат и прифатат.
Духовна аптека

Без љубов животот нема смисла 

  • 24.02.2026
Како што поминуваат годините, деновите гледаме дека љубовта меѓу луѓето оладува и затоа многумина се разболуваат. Човек без љубов е